СКУП открива: Службени пари се трошат за неслужбени потреби


Освен редовните локални избори и предвремените парламентарни избори, ништо позначајно се нема случено во Република Македонија во 2013 и 2014 година. Заради глобалната финансиска криза во овој период, ниту странските директни инвестиции позначително пораснале, ниту пак некој значителен финансиски или дипломатски успех е забележан во овие две години.Сепак, во овие две години само за хотелско сместување во странство од службените картички од Министерството за финансии се потрошени околу 100 илјади евра.

На изводите од службените картички не пишува која фактура припаѓа кому, меѓутоа се гледа дека функционерите најчесто парите ги трошеле за патувања, односно за сместувања во луксузни хотели и ручеци во ресторани во странство.Од ова министерство во 2011 година за хотели се потрошени 10.899 евра, додека 942 евра во ресторани. Наредната, 2012 година, се потрошени 35.717 евра за хотели, а во ресторани 4.950 евра.Плаќањата за хотели и патувања секоја година во ова министерство растат, па така во 2013 година за хотели се потрошени 47.213 евра, додека пак за ресторани се потрошени 2.493 евра.
Рекордот во трошење за хотели е во 2014 година, каде што таа бројка достигнува и до 50.391 евра.Од започнувањето на политичката криза се забележува пад на трошењата. Така, во 2015 година потрошени се 25.865 евра а во наредната година – 10.806 евра.

Истражувањето на СКУП покажа дека не само Министерството за финансии, туку воопшто македонските функционери не прават разлика помеѓу државни и лични пари. Буџетските пари ги користат и за свои неслужбени потреби.Документите кои ги поседува СКУП откриваат дека тие генерално преноќуваат во луксузни хотели, плаќаат најскапи – вип авиобилети, посетуваат елитни кафулиња, ручаат и вечераат само во елитни ресторани и од модните бутици купуваат брендирана гардероба.

Во текот на истражувањето се изврши увид во службените картички на функционерите од министерствата за изминатите 6 години.Според добиените информации по пат на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, над 20 илјади евра од службената картица потрошил поранешниот министер за образование и наука, Пиштар Љутфиу за време на својот мандат од 5 април 2016-та до 1 јуни 2017-та година.Љутфиу бил чест гостин во скопските ресторани и гостилници, меѓу кои „Фиш“, „Фурна“, „Мериот Дистрикт“, „Александрија“, „Воденица Мулино“, „Дукат“ и „Стоун Бриџ“.За хотелите во Косово, Германија, Австрија и Грција, Љутфиу потрошил околу 2.300 евра.