Скопје ќе добие контејнери што сами ќе јавуваат кога се полни


Скопје ќе добие модерни контејнери со чипови, кои самите ќе јавуваат кога ќе бидат подготвени за празнење. Советот на Скопје денеска даде зелено светло за набавка на статични контејнери со капацитет од 2.200 и 3.200 литри  и две специјални комунални возила за странично собирање и транспортирање на комунален отпад,  кои ќе можат да се вклопат во концептот Скопје-смарт сити.

Новите дигитализирани контејнери, како што објасни градоначалникот Петре Шилегов, се според светските стандарди за манаџирање со отпад. Ќе се бара да бидат изработени од алуминиум и обложени со пластика која не е запалива, за да не може лесно да се оштетуваат. Покрај тоа ќе бидат достапни и за лицата со хендикеп, односно до нив ќе може да пријде, да ги отвори и затвори и лице со инвалидска количка.

„Инсистираме Скопје за прв пат да воведе вистински стандарди во третманот на отпадот. Нема да дозволиме импровизации и заради тоа паралелено со дигитализацијата, која ќе започне со Скопје- смарт сити, ќе се дигитализира и менаџирањето со отпадот. Бараме контејнерите да имаат слотови во кои ќе се стават чипови преку кои ’Комунална хигиена’ во секое време ќе знае кој контејнер до каде е полн“, рече Шилегов.

На овој начин, посочи, рутите на празнење на контејнери на комуналното претпријатие ќе се сменат, односно ќе се прават во зависност од тоа кој контејнер е колку полн. На тој начин, смета Шилегов, „Комунална хигиена“ ќе работи оптимално, а истовремено и ќе штеди.

Набавката на нови контејнери градоначалникот ја оправда и со недостатокот на садови за собирање на отпадот. Скопје во моментов има околу 4.500, а има потреба од 7.000 контејнери. Ќе се набават и две специјализирани возила, кои ќе можат да ги празнат новите, поголеми контејнери со капацитет 3,2 кубни метри. За нив од градскиот Буџет се предвидуваат 24 милиони денари, а за набавка на контејнерите 40 милиони денари.

Сања Наумовска