Скопје се гради небаре ќе станува Хонгконг


Наум Котевски

Пропатував низ цела Румелија сиве овие години, видов прекрасни градови, но ниту еден не ме импресионираше со својата убавина како рајскиот град Усќуп низ кој тече реката Вардар. Со овие зборови турскиот писател Дулгар Деде го опишал Скопје, воодушевен од неговиот изглед во средината на 17 век, кога бил развиен град и најголем трговски центар на Балканот. Повеќе од 350 години подоцна тоа возбудливо место кое, ете, некогаш успешно го следело текот на времето станува предмет на подбив. Ако до неодамна престолнината беше во фокусот на реномирани светски медиуми поради контроверзниот проект „Скопје 2014“, кој од угледни луѓе од стручната сфера беше квалификуван како „комплекс на пониска вредност“ и како „упад во урбаниот живот“, сега добива светски третман поради континуираната преобразба во „гасна комора“.

Па, така, вчера на интернет-страницата на ОН, „Енвајрмент“, осамна потресна репортажа за градот кој, како што е наведено, е рангиран меѓу градовите во Европа со највисока концентрација на штетни честици во воздухот. Во отсуство на самосвест за просторот зборовите на една од соговорничките, Игбал Ферати, финансиски експерт која живее во Скопје и која е приморана да ги лаже децата дека се суперхерои за да ги носат маските, се само доказ плус за тоа во каков трауматичен град живееме.

А, сепак, Скопје и натаму се грчи, квичи под налетот на багерите и булдожерите кои без престан ги рамнат и последните остатоци од постарите згради и куќи кои до скоро некако се држеа храбро во „блескавиот мегалополис“ со стиропорски шмек, кој дефинитивно ја губи трката со времето и просторот. Не се спасија ниту празните локации од градежните хиени. На секаде се развеани знамињата на инвеститорите!

Па, така, додека велосипедистите се пробиваат низ илјадниците автомобили, се урива Скопскиот саем, Дебар Маало е „закопчано до грло“, Маџир Маало интензивно и неплански се пополнува. Истото му се случува на Аеродром, битката полека ја губи Карпош, систематски се уништува шумата Водно… Во сеопштиот административен колапс, неконтролирана узурпација на јавниот простор и негова целосна дехуманизација се склопуваат како лего-коцки згради – чудовишта кои го попречуваат последниот зрак сонце на околните страдалници. За возврат децата си играат во нешто што треба да се нарече парк, но всушност се парчиња бетон по кој тие скокаат, а зелените островчиња трева и дрва се попатна декорација. Како дел од глобално потрошувачкото општество, наскоро уште повеќе ќе уживаме во консумеризмот, но и во бизнисот. Ај што се гради деловно-резиденцијалниот комплекс околу Старата железничка станица, каде што сите содржини ви се предвидени освен гробје, ќе никне и деловно-станбен комплекс со неколку висококатници и спроти „Холидеј ин“. Небаре ќе стануваме Хонгконг – светски финансиски и трговски центар во време кога државата одвојува најголеми субвенции за одгледување, домати, пиперки, зелка… и останати земјоделски култури.

Градот го снајде страшна несреќа. Иако се смени власта, системската девастација на Скопје продолжи. Сè се заснова на некакви законски норми, ништо не поврзано со некаков контекст, со некаков континуитет и не почива на неопходната длабока стручна анализа. Она што со години и децении се работело плански, сега се одвива во забрзана процедура. Истите неколку фирми се вртат и го освојуваат градот педа по педа. Никој ништо не презема во однос на озаконетата деструкција.

Во ситуација кога, како што забележаа архитектите, преку урбанистичкото планирање се вршеше сукцесивно зголемување на стекнатите права по основ на сопственост на градежно земјиште, а не хуманизација на просторот, граѓаните се практично жртви на вкрстен интерес меѓу општините, инвеститорите и сопствениците на градежните парцели. Инстант-решенијата на новите градоначалници, од типот на мораториум на деталните урбанистички планови, се покажуваат како врвна манипулација. Планираните измени, очигледно, не ја менуваат суштината на проблемот. Бизнис и станбена тврдина, како во случајот спроти ГТЦ, ќе има – па мајка Јана да е – ама она што треба да ја задоволи јавноста е дека таа нема да биде со 60-катни згради, туку со 30-катници. Скопје и неговиот центар имаат капацитет и за стокатници, па и за неколку илјади возила во тој дел плус, ама имаме усул! Па ние не сме Љубљана, па да го тргаме сообраќајот од строгиот центар.

Разбирливо е да се еманципира градот низ нови модерни форми и визии, но тоа треба да се направи плански, а не со агресивно и профитерско градење без концепт. За жал, тешко е да се поверува дека властите ќе го слушнат гласот за формирање стручни тела и општински управи составени од професионалци кои ќе имаат одговорност, како и новите ДУП-ови и ГУП да се постигнат со меѓународен конкурс, за што градот ќе го одврзе ќесето и ќе ги потроши парите на најдобар можен начин.

Или како што би рекол Горан Стефановски во „Диво месо“: „Кога нешто не е во ред, а не се крева ниту малиот прст ситуацијата да се подобри… и во тоа се бара дури и некакво задоволство – Ужас“.