Скопје повторно тешко дише


Скопје повторно се најде на листата на најзагадени градови во светот. Со вредности на 165 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички, вчераутрото беше на седмото место на листата на апликацијата „Ер вижуал“, која го следи загадувањето во сите светски метрополи. Попладнето Скопје падна на 15. позиција со концентрации на ПМ 10 од 112 микрограми, кои се повеќе од трипати повисоки од максимално дозволените вредности.

Граѓаните на главниот град велат дека загадувањето го чувствуваат постојано, особено во вечерните часови. Делови од Скопје, особено Аеродром и Лисиче, постојано мирисаат на чад, а жителите се жалат дека се заложници во своите домови, без можност да отворат прозорци и да излезат надвор. Дополнителен проблем е и фактот дека мерната станица на Министерството за животна средина во Лисиче, како и таа во Гази Баба, не работи повеќе од два месеца. Од Министерството не соопштуваат ниту што е проблемот ниту, пак, кога ќе го решат.

„Во моментот од шест инструменти за ПМ 10 во Скопје, поради технички проблеми, надвор од функција се два. По отклонување на проблемот, во најбрз можен рок истите ќе бидат вклучени во системот“, е кусото образложение од Министерството, во кое стои и дека мерните места во главниот град бележат благи надминувања на среднодневната гранична вредност за РМ10 од 50 микрограми на квадратен метар.

Во реалноста, Скопје е веќе долго време во друштвото на повеќе кинески, индиски и пакистански градови, како единствен претставник од Европа, на највисоките места на листите според загадениот воздух. Затоплувањето со фосилни горива, сообраќајот, индустриската прашина, нелегалното палење на депонии и градежништвото се најголемите причинители, за кои градските власти не изнаоѓаа ефикасни краткорочни решенија. Посочуваат дека работат на заштита на младите, па во тек е инсталација на прочистувачи во секоја училница во средните училишта.

Во главниот град има околу 60.000 домаќинства кои се греат на дрва, а Градот Скопје годинава додели помалку од 400 субвенции за купување печки на пелети. Градските власти признаваат дека имаат и проблем со фактот дека имаат само четири инспектори за животна средина кои треба да ги контролираат сите капацитети со Б-интегрирана дозвола.

– Градот Скопје ги следи сите индустриски инсталации што имаат добиено Б-интегрирана дозвола, додека ситните занаетчиски објекти, претежно од угостителството, се во надлежност на општинските инспекторати за животна средина. Овој период посетени се сите капацитети што работат со Б-интегрирана дозвола, а инспекциските служби работат во две смени. Градскиот инспекторат имаше засилени контроли на целата територија на Скопје и за создавањето диви депонии и незаконското спалување смет и останати материјали што го загадуваат воздухот. Контролите се спроведуваат со комбинирани тимови на инспектори за животна средина, комунални инспектори и комунални редари и ќе продолжат и во наредниот период бидејќи резултираа со драстично зголемување на бројот на мандатни казни. Во септември и октомври за сто отсто е зголемен бројот на изречени казни, а казнети се 269 правни и физички лица, а на 200 им се дадени превентивни опомени – велат од Градот.

Информираат и дека ги контролираат и градилиштата во сите општини во Скопје. Извршени се контроли на повеќе од 50 локации, а на изведувачите им се укажува да не се излегува од градилиштата на улица со камиони со валкани тркала и непокриени со церади.

Сања Наумовска