Скопје нападнато од четири страни


Мегаломански градежни проекти го сардисаа Скопје. Истовремено се гради на десетина локации кои го заокружуваат централното градско подрачје, а во најава е и отворање на нови градежни фронтови. „Ист гејт“ го заменува Скопскиот саем, „Дајмонд Скопје“ ќе се залепи на Старата железничка станица, паркингот наспроти „Холидеј ин“ ќе стане станбено-деловен комплекс, а градежните машини се стационирани и покрај катната гаража „Беко“.

Во една од најзагадените општини, Аеродром, зеленилото до Мајчин дом ќе биде деветкатница и болница, а веднаш до Тобако 2 се гради огромен станбен комплекс. Градежна инвазија има и околу мостот Близнак, каде што покрај хотелот „Хилтон“, се градат високи објекти и од спротивната страна на булеварот. Во следните години нема да заостанува ниту Карпош, каде што на потегот од „Александар Палас“ до Карпош 4 ќе никне цела нова населба со десетици нови згради.

Илјадниците нови станбени единици ќе донесат уште толку семејства во главниот град, отворањето бизнис центри ќе ги привлекуваат компаниите кон центарот, иако и сега тука има премногу неискористен деловен простор. Градот што се задушува во секоја смисла, во следните неколку години, ќе ги почести своите жители со нови количини градежни прашини, со нови сообраќајни нервози, со слаба покриеност на водоводната, канализациската и атмосферската мрежа. Жителите на Скопје бараат воздух и дрвја, а добиваат бетон. Подгответе ги маските, наредните пет години ќе нема дишење!

„Ист гејт“ ќе всели 1.600 семејства и стотици фирми

Комплексот „Ист гејт“ на поранешниот Скопски саем ќе се гради од пет до седум години. Инвестицијата е тешка 350 милиони евра, а на површина од 152.000 квадратни метри ќе никнат три засебни целини. Од пролет започнува градбата на трговскиот центар, кој ќе има вкупна површина за изнајмување од 53.000 квадратни метри или 250 продавници. Дел од „Ист гејт“ ќе биде и резиденцијален комплекс од десет згради со 1.600 станови. Третата целина ќе бидат пет бизнис- центри со 66.000 квадратни метри површина за издавање.

Први ќе се градат трговскиот центар и четирите станбени згради, кои ќе треба да бидат завршени до крајот на 2020 година. Само трговскиот центар чини 90 милиони евра. Станбените згради ќе бидат многукатници, со приближна висина колку хотелот „Континентал“. Половината од становите ќе бидат со помала квадратура, а 15 отсто ќе бидат големи станови. Инвеститорот, компанијата „Балфин груп“ на албанскиот бизнисмен Самир Мане, најави дека, дополнително, комплексот „Ист гејт“ ќе има и содржини за забава, фитнес, паркинг за повеќе од 2.000 автомобили, а 25 отсто од парцелата би требало да биде зеленило.

„Лимак“ во строгиот центар на градот ќе гради три години

Комплексот „Дајмонд Скопје“ во строгиот центар на градот, до Старата железничка станица, ќе се гради во следните три години. Инвеститор е турската компанија „Лимак“ која на ова место ќе прави дваесеткатници во кои ќе смести 772 станови со една, две или три спални соби, а во објектите ќе се сместат и канцеларии.

На парцелата, која има вкупна површина од околу 40.000 квадратни метри, ќе има и трговски центар и хотел. Проектот на „Лимак“ предвидува и простор за слободни културни активности, каде што ќе треба да се вклопи и Музејот на Скопје, како и ресторани и кафулиња, фитнес-центар, казино и паркинг со капацитет за 2.000 автомобили. Ќе бидат изградени вкупни 325.000 квадратни метри објекти, а целата инвестиција се проценува на 250 милиони евра.

Под комплексот, турската компанија има обврска да ја изгради и подземната сообраќајница, која од двете страни ќе треба да ја поврзе со нови кружни текови. Подземната улица, која е со должина од 800 метри, треба да биде готова за две години, а ќе има четири ленти за двонасочен сообраќај и две дополнителни ленти за трамвај или автобус.

Наместо парк – зграда и болница

Зграда, која ќе биде дом на нови 250 семејства, во следните неколку години ќе се гради и во општината Аеродром, веднаш до Мајчин дом. Деветкатницата ги победи желбите на граѓаните на една од најзагадените општини во градот овој простор да остане без зеленило.

Ниту најавите на инвеститорот Фатмир Етеми дека ќе биде целосно енергетски ефикасна, дека ќе има вертикално и хоризонтално зеленило, со посебен систем за одржување, како и дека ќе засади сто дрвја, не ги разубедува жителите кои стравуваат дека зградата ќе го блокира протокот на воздухот. Според Деталниот урбанистички план, планирана е и изградба на нова градска болница, веднаш зад станбениот објект.

Аеродромци велат дека приливот на пациенти, заедно со вселувањето на новите жители, дополнително ќе направат хаос во веќе хаотичниот сообраќај на булеварот.

Спроти „Холидеј ин“ нема да има шеесеткатници, но нема да биде ниту парк

Комплексот спроти хотелот „Холидеј ин“ сѐ уште не започнал да се гради, со оглед на тоа дека Деталниот урбанистички план е под мораториум. Иако засега не се знае кога ќе започне изградбата, ниту, пак, колку години ќе трае, извесно е дека на парцелата од над 13.640 квадратни метри, ќе има и станбени и деловни објекти.

Според најавите на инвеститорот Зоран Антиќ, во средиштето на оваа парцела ќе има галерија со приземје и кат. Ќе биде пониска од Градскиот трговски центар, но ќе се спојат со мост над улицата пред „Холидеј ин“. На покривот ќе има градина, со површина од околу 10.000 квадратни метри, а под галеријата ќе има подземен паркинг на два ката, со капацитет од илјада возила.

Инвеститорот, на местото каде што во првичните планови беа предвидени изградби на стокатници, кои по неколку години се смалија на шеесеткатници, најавува една триесеткатница и неколку помали згради на рабовите на парцелата. На оваа парцела ќе се уредува и кеј, мала турска чаршија и фонтана

Сања Наумовска