Скопје и Атина се оддалечуваат од брз договор за името


Македонија и Грција се оддалечуват од можноста за договор за името во наредните денови, дознава „Независен весник“ од владини извори од Атина.

Иако македонскиот премиер Зоран Заев го определи денешниот ден како последен за неговиот клучен разговор со грчкиот колега Алексис Ципрас, владини извори велат дека најверојатно и таа комуникација нема да се реализира во наредните денови. Како причина за тоа се наведува неподготвеноста на македонската страна да го испорача тоа што било договорено меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас, почетокот на оваа седмица во Брисел.

– Македонската страна очигледно не е спремна да излезе во пресрет на она што беше договорено во Брисел меѓу двајцата министри за надворешни работи, велат извори од грчката влада. Истите извори тврдат дека веројатноста да дојде до договор следните денови се оддалечува. Според нив, најверојатно се оддалечува и телефонскиот разговор Заев – Ципрас.