„Скопска“ ќе се надополнува од мобилен


Билет за едно возење и надополнување на картичките за автобус преку сметка или преку мобилен телефон, се дел од новостите со кои ќе биде надграден системот на јавниот градски превоз. Четири години откако Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ја воведе електронската картичка „скопска“, ќе бидат воведени новини во електронската наплата. Повеќето се резултат на барањата на граѓаните да се дополнат опции што ќе обезбедат системот да функционира поефикасно и поедноставно.

„Планираме воведување на нови видови билети, но и лесен пристап до билет за едно возење, наменет особено за граѓаните што не користат редовно јавен превоз, не се од Скопје или се туристи. Исто така, планираме и воведување напредни ИТ-технологии кои ќе овозможат набавка на нашите услуги и надополнување на билети од сметка, преку интернет-продавница и со употреба на апликации наменети за паметни уреди, телефони, таблети и сл.“, велат од ЈСП.

Посочуваат дека подолго време се свесни за потребата од ревизија на целиот систем, но бидејќи сè уште се обврзани со актуелни договори, досега не можеле да ги имплементираат промените. Очекуваат подготовката на новините да заврши до крајот на годината, а новите билети да стартуваат од идната.

„Констатиравме дека и граѓаните и Јавното претпријатие имаат потреба од некои нови услуги и промени во електронската наплата. Досега не бевме во можност да ги направиме бидејќи се работи за комплексен систем од затворен тип за кој набавката и одржувањето е регулирано со активен договор. Овој договор наскоро истекува, па ЈСП презема интензивни активности за ревизија на целокупниот систем, а пред сè на делови преку кои треба да се оствари можност за унапредување на функционалноста и полесен пристап до купување на нашите услуги“, информираат од Јавното претпријатие.

Сања Наумовска