Синовите глумци во иста претстава, татковците на различни страни


Дисциплинска комисија ќе одлучува дали и како ќе се казнат актерите во „Ничија земја“ на Македонскиот народен театар, кои во петокот вечерта одбија да ја одиграат претставата во знак на поддршка со нивниот притворен колега Владо Јовановски. Скандалот со откажаната претстава пред полна сала доби продолжение на социјалните мрежи и му се залепи политички предзнак, па сега се прават обиди да се смират емоциите и да се врати глумата на театарските штици. На споредните актери во целиот случај – гледачите, кои бадијала платија билет, им се нуди можност за враќање на парите или со истата влезница да дојдат следниот пат кога ќе биде закажана истата престава на репертоарот, на 26 и на 27 јануари в година.

Ќе се формира дисциплинска комисија за актерите

Директорот на театарот, Драган Спасов-Дац во изјава за „Независен весник“ повторува дека според Законот за работни односи и Законот за култура, како и според Статутот на МНТ, актери не смеат да откажуваат претстава.

„Ќе се формира дисциплинска комисија, која ќе го изанализира целиот случај и ќе одлучи дали и како ќе се казнат актерите, бидејќи јас како директор не можам сам да носам такви одлуки. Немам ништо против да се изрази поддршка кон колега и доколку тоа се случеше надвор од театарот – немаше воопшто да реагирам“, вели Спасов. Претходно, преку Фејсбук тој ја најави реакцијата.

„Пријатели и љубители на театарот, денеска се случи нешто што не смееше да се случи. Се откажа претстава во МНТ. Покрај мојата сугестија и наредба да се игра претставата, глумците своеволно одбија да ја играат „Ничија земја“, како поддршка за приведените глумци кои беа инволвирани во случувањата од 27 април во Собранието. Сите до еден ќе бидат казнети за непослушноста, и по разговорот со мене свесни се за проблемот што го направија. Театарот постои за публиката и така ќе остане. Ова го почувствував како атак кон мене и кон нашата публика“, реагираше директорот на МНТ.

Не сме ниту предавници, ниту херои – луѓе сме

Актерот Оливер Митковски за „Независен весник“ објаснува дека имале дилема дали да ја откажат претставата или тоа да го направат во друга форма од типот на петиција или нешто слично.

– Информацијата дека во моментот се случува трансферот на Владо од домашен во истражен затвор и видната потресеност на Григор Јовановски нè натера да дејствуваме без дискусија. Беше крајно емотивно и сметавме дека е човечки и колегијално. Во неколку наврати ѝ се извинив на публиката и пред почетокот на претставата и преку социјалните мрежи, а се надевам дека истото го направиле и останатите актери. Единственото нешто што мене лично ме погоди е фактот што, и покрај тоа што сите ние во разговор со директорот се согласивме дека не смееме да ѝ оставиме простор на јавноста да шпекулира со мотивите и дека е потребно да ѝ се повтори она што веќе ѝ го соопштивме на публиката, јас лично составив официјално соопштение кое од за мене непознати причини никогаш не осамна на официјалната интернет-страница на МНТ. Потоа, морав да ги искористам социјалните мрежи за сето тоа, па беше протолкувано како менување или омекнување на ставот, правдање итн. Со оглед на биполарноста, односно крајната поделеност во нашето општество, во моментов за едната страна сме предавници и платеници кои бранат криминалци, а другата веќе нè прогласи за херои. Не сме ниту едното ниту другото. Луѓе сме! И да, свесни сме за грешката, поточно за односот кој не би смеел во иднина да се повтори кон публиката – изјави Митковски.

Во саботата Оливер Митковски се огласи на својот фејсбук-профил. Рече дека поради недостиг на вистински информации за мотивите на нивното дејствување, а истовремено поради чувствителноста на политичката состојба во земјата, јавноста со право шпекулира и бара одговори.

„Верувам дека на повеќето им се добро познати моите ставови во однос на владеењето на претходната политичка гарнитура, мојата осуда во однос на случувањата во Собранието и мојата децениска борба за создавање правна држава. Оттаму, нашата одлука не беше обид ниту да влијаеме на исходот на судските процеси, ниту да бараме амнестија за сторените дела. Напротив, сметаме дека доколку се докаже вината, Владо и сите останати учесници треба соодветно да бидат казнети, секој во зависност од тежината на стореното дело. Идејата беше да се сврти вниманието на јавноста и пред сѐ на надлежните институции уште еднаш да ја преиспитаат својата одлука и да ја вратат првичната мерка – домашен притвор. Сметаме дека во конкретниов случај Владо има неколку олеснителни околности кои се доволни за оваа отстапка од страна на надлежните органи. Точно е дека нашата одлука е емотивна, можеби по некои параметри и погрешна, но во секој случај сметаме дека е човечна, посебно во време кога омразата доминира наспроти хуманоста. Можеби ќе видите извесни контрадикторности во однос на целото мое претходно залагање, жалам што дел од моите пријатели и познајници ќе бидат разочарани, но за мене одлуката да застанам зад оваа иницијатива е во суштина континуитет на мојата потреба да бидам не само колега, туку пред сѐ човек“, напиша Митковски.

Нема солидарност за обвинет за тероризам

Аналитичарот Петар Арсовски е дециден дека не може да се солидаризираш со некој што е обвинет за тероризам.
„Во моментов не можеме да прејудицираме кој од обвинетите е виновен, меѓутоа, факт е дека културата, односно театарот во последните години стана жртва на политиката. Во конкретниот случај депласирана е таа солидарност, требаше да се почека судскиот процес и пресудата, особено што постојат еклатантни докази дека Јовановски бил во Собранието на 27 април. Најмалку што може МНТ да направи е да им ги врати парите на гледачите, а на актерите подобро ќе им беше да се солидаризираа со гладните во Африка отколку со обвинети за тероризам“, ни изјави Арсовски.

Претставата „Ничија земја“ имаше неславен крај летоска во Охрид кога актерот Сашко Коцев имаше вербален конфликт со тогашниот градоначалник Никола Бакрачески, наводно, поради незадоволство од организацијата, па случајот заврши во полиција. Кога е во прашање политиката и театарот, се памети упадот на приврзаници на „Протестирам“ во театарот „Комедија“ додека се изведуваше претставата „Лиситрата“, во која играше Јелена Жугиќ. Минатата година и „Театарот на навигаторот Цветко“ ја откажа изведбата на претставата „Солун град на духови“, која требаше да се одигра во Драмски театар, со цел да изразат поддршка на протестите што се случуваа во април 2016 година.

И синот на Владо Јовановски во „Ничија земја“

Синот на актерот Владо Јовановски, Григор Јовановски, е дел од актерската екипа на претставата „Ничија земја“. Заедно со помладиот син на в.д. директорот на МНТ, Драган Спасов Дац, Стефан Спасов, ги играат двајцата унпрофорци кои треба да им помогнат на ранетите војници. Во истата претстава игра и Александар Михајловски, син на актерот Тони Михајловски.
Тони Михајловски заедно со Владо Јовановски често беа на улиците како предводници на протестите „За заедничка Македонија“. Тој беше и еден од првите кој реагираше на социјалните мрежи откако Спасов најави казни за актерите што ја откажаа претставата.
„Директорите се листопадни. Како и владите. Се надевам казната за колегите нема да е смрт со бесење. Мада…“, напиша Тони Михајловски на својот фејсбук-профил.
Во „Ничија земја“ играат Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓелковиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Иваноски, Марија Кондовска и Томе Станковски. Во петокот вечерта тие излегоа на сцената и ѝ се извинија на публиката дека ја откажуваат претставата во знак на протест за притворот за колегата Јовановски.

Ивана Настеска, Горан Адамовски