Се чекаат амандманите – и во Собранието и во Атина


На вонредна седница денеска, Владата треба да го усвои текстот на нацрт-амандманите на Уставот и веднаш да ги достави до парламентот, за да се запази рокот од 15 дена од одлуката за пристапување кон уставни измени. За таа цел, премиерот Зоран Заев имаше синоќа последна рунда консултации со новата независна пратеничка група од опозицијата, која пред неколку дена ги сублимира во четири точки своите барања во однос на уставните измени. И Владата влезе во процесот со четири можни пункта за промена, така што денеска ќе се знае колку точно нацрт-амандмани ќе се најдат пред пратениците, по консултациите меѓу пратеничките групи.

Министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска изјави вчера дека во нормативниот текст на уставните промени ќе биде ставена гаранција на идентитетот на македонскиот народ. Како што појасни, станува збор за трите основи што го одредуваат идентитетот – културата, историското наследство и јазикот.

– Договорено е внесување одредба што ќе го гарантира идентитетот на македонскиот народ. Наша сугестија, за која посигнавме заеднички договор, беше тоа да биде во рамки на нормативниот текст, каде што во еден од членовите што ќе се менуваат ќе биде ставена гаранција на идентитетот на македонскиот народ. Тоа ќе биде формулација што се однесува на културата, историското наследство и јазикот. Ние веќе имаме одредба која се однесува на јазикот, така што ќе биде ставена одредба што ќе гарантира заштита и развивање на културното наследство и историјата на македонскиот народ – изјави Дескоска.

И владата во Атина чека да го види текстот на нацрт-амандманите што ќе ги предложи македонската влада, согласно со договорот од Преспа. Јоргос Катругалос, алтернативниот шеф на грчката дипломатија, изјави дека оваа седмица е критична бидејќи и грчката страна чека да види како ќе бидат дефинирани амандманите за промена на Уставот во земјава.

За измените во преамбулата, Дескоска објасни вчера дека, преку разговори со Грција, се подготвува конкретизирање на актите од АСНОМ, поточно делот од Манифестот каде што се повикува на национална борба во соседни држави.

Во однос на барањата на парламентарната опозиција од албанскиот блок, која предложи амандмани со етнички предзнак, надвор од договорот од Преспа, Дескоска посочи на изјавата на премиерот Заев дека нема потреба од отворање Пандорина кутија.

– Сите сме свесни дека има многу прашања што во Уставот не се доволно регулирани. На пример, има проблем со ветото на претседателот, тоа не е прецизирано. Имаме препорака од ГРЕКО дека во Уставот треба да има измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет. Значи правиме сериозни анализи за сите работи што сме ги мапирале како проблем. Но не треба да се отежнува дополнително овој процес, кој е тежок во обезбедување на двотретинско мнозинство. Се надевам дека сите партии ќе имаат свест за моментот и причините за уставните измени – рече Дескоска.

Со доставувањето на нацрт-амандманите во Собранието, почнува да тече рокот од 30 дена до одржување на пленарната седница. Во меѓувреме, амандманите треба да бидат разгледани во матичната Уставна комисија, како и во Законодавно-правната комисија. Во оваа фаза од постапката, за утврдување на уставните амандмани, е потребно апсолутно мнозинство, односно најмалку 61 глас. (А.М.М.)

Фото: Б. Грданоски