Се уште не е почнат распитот на загрозениот сведок за „27 април“


Рочиштето за „27 април“ на кое треба да сведочи загорзениот сведок С1 се уште не е почнато. Обвинетите и натаму се во старата зграда на Кривичниот суд каде што рочиштето беше префрлено поради технички проблеми во новиот судски објект.

Не е познато и дали им се назначени бранители по службена должност откако судијката Добри Кацарска ги казни нивните адвокати со по 1.000 евра и ги отстрани од судницата бидејќи се побунија поради лошите услови за следење на процесот.

Судечкиот совет претходно реши јавноста да биде исклучена од денешното сведочење на загрозениот сведок.

На претходните рочишта беа сослушани повеќе сведоци, меѓу кои пратеници, членови на собраниското обезбедување, припадници на МВР и новинари. Во своите искази тие ги објаснија нивните дејствија за време на критичниот 27 април минатата година.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.