Се стега обрачот околу Груевски


Христијан Мицковски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, се спомнува во политички кругови како можен кандидат за нов претседател на партијата, во случај долгогодишниот лидер Никола Груевски да се повлече од челната позиција, по анализите околу причините за фијаското на локалните избори.

Мицковски, кој дојде на позицијата што во ВМРО-ДПМНЕ ја извршуваше до неодамна претходниот премиер Емил Димитриев, се споменува во контекст на можноста Груевски да го испроба „рецептот“ на Љубчо Георгиевски и за свој наследник да делегира човек од доверба. Во таков случај, како можен кандидат фигурира и поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски. Сепак, нему му се даваат помалку шанси да биде „адут“ на досегашниот лидер поради подобрата политичка етаблираност, како и поради проценките дека би можел да го засени Груевски. Од потесното опкружување на актуелниот лидер не е исклучено амбиции за лидерската позиција да покажат Антонио Милошоски или Владимир Ѓорчев, како што е голема веројатноста да се појават и други кандидати, со оглед на фракционерските раздвижувања во ВМРО-ДПМНЕ во последниот период.

Шансите Груевски сам да се повлече и од партиското кормило, сепак, изгледаат минимални засега, и покрај апатијата што се забележува кај вмровската клика и незадоволството што тлее во базата, од каде што неофицијално доаѓаат и информации за чести конфликти меѓу членството. Според проценките, во наредните два до три месеци ќе се случуваат поместувања и турбуленции во партискиот врв.

Во неодамнешното интервју за „Република“, Груевски не ни спомна оставка, посочувајќи единствено дека партијата е посветена на анализата за изборниот пораз.

„Во анализата учествуваат повеќе структури на партијата. Покрај генералниот секретар и уште неколкумина од раководството, вклучени се и општинските комитети и кандидатите за градоначалници. Сондираме мислења и на надворешни личности и аналитичари и, секако, и дел од членовите на партијата кои не се активни по месните и општинските комитети, но се дел од нашето 170-илјадно членство“, изјави Груевски.

Околу долгогодишниот премиер се стега и обрачот на предметите што произлегоа од „бомбите“ на СДСМ, уште повеќе што дел од инволвираните во овие случаи почнаа да признаваат вина. Кај Груевски, всушност, заврши деновиве еден од „шамарите“ што тој ги нарачуваше за доскорешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски. Признанието на вина за поттикнување насилство во Центар, што го изрече пред судот тогашниот координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Лазаров, наспроти тврдењето на Груевски дека е невин, се толкува како уште еден сигнал дека долгогодишниот премиер почнува да губи поддршка.

Притисок создаваат и групациите што произлегоа од јадрото на ВМРО-ДПМНЕ, а кои се залагаат за реформирање на партијата преку смена на нејзиното раководство.

Јове Кекеновски од ФРОДЕМ вели дека неговото здружение e моментно ангажирано на терен. Во ФРОДЕМ членуваат, главно, „ветерани“ на ВМРО-ДПМНЕ кои сега, како што вели Кекеновски, работат на зајакнување на структурите на здружението.

„Јасно е дека на Груевски не му одговара да се повлече во вакви околности, како што и на СДСМ им одговара тој да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, кога ќе созреат условите, а мислам дека тоа ќе биде многу скоро, ќе се обидеме да го смениме не само Груевски, туку и целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Кекеновски.

Констадин Богданов, еден од членовите на Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, пак, најавува раздвижена агенда во наредниот период со цел, како што вели, да се мобилизираат повеќе интелектуалци и да се запознае членството со предлозите за промени на Статутот и на структурата на ВМРО-ДПМНЕ, во насока на реформирање на партијата.

„Позицијата на Груевски да не дава веднаш оставка, туку да прави анализа за причините за изборниот пораз создаде лимбо-ситуација. Сега од анализата зависи дали ќе има вонреден конгрес за смена на Груевски или тој ќе се обиде да остане на функцијата, иако е јасно дека со старите кадри и политики не може да се реформира партијата“, вели Богданов.

Четвртиот мандат на Груевски на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ истекува напролет во 2019 година. Тоа е период кој би се совпаднал со редовните претседателски избори во Македонија.

Како единствена „олеснителна околност“ за Груевски се смета засега иницијативата „Жан Моне“, како можност лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да го добие назад пасошот. Од друга страна, неофицијално, доаѓаат информации дека на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му е испратена јасна порака и од Европската народна партија дека треба да отстапи од партиското кормило.

Груевски дојде на чело на ВМРО-ДПМНЕ во 2003 година кога го наследи Георгиевски, кој се повлече по изборниот дебакл во 2002 година. Но Груевски не искажува засега намера да го следи примерот на својот претходник и да поднесе оставка откако неговата партија не успеа да формира парламентарно мнозинство по изборите во декември 2016 година ниту, пак, поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ спадна на пет градоначалнички места на октомвриските локални избори.

Александра М. Митевска