Се разгледуваат три објекти за Центарот за зависници


Министерот за здравство Венко Филипче тврди дека активно бараат локација да се дислоцира Центарот на зависници, кој се наоѓа во Општина Кисела Вода. Засега во опција се три објекти кои се наоѓаат на периферија на Скопје. Клучно за донесување на конечна одлука е можноста објектот да ги задоволува сите стандарди. Не прецизираше кога ќе се знае новата локација, ама потенцираше дека за брзо ќе има решение.

„Имавме два концепта – едниот беше да се дисперзира тој центар низ повеќе амбуланти, меѓутоа имаше реакција и отпор, и од градоначалниците и од тие институции. Како што најавивме на средбата со граѓаните со градоначалникот Филип Темелковски пред две недели, ние активно работиме на тоа да најдеме објект. Има три објекти што се на периферија на Скопје. Сега гледаме дали тие можат соодветно да се адаптираат, реновираат, за да се даде малку поинаков тип здравствена услуга за тие зависниците, заради тоа што има нови модели на терапија, има нов пристап, не се вклучени само здравствени работници. Новиот објект треба да ги задоволи сите тие стандарди, да не биде само префрлање на центарот, туку и да можеме дополнително да ја зајакнеме услугата во смисла на квалитет“, објасни Филипче.

Жителите на Кисела Вода упорно бараат од надлежните да биде дислоциран Центарот за зависници, излегоа и на протест од каде укажаа дека стравуваат од тоа да не дојдат во допир со иглите и шприцевите нивните најсакани, децата, оти се расфрлани на секаде околу Центарот.

„Не може во населено место да има ваков центар за зависници, јас сум загрижен за син ми бидејќи има игли низ населбава, не сум против да се лечат, ама нека има објект на друго место, подалеку од населба“, вели жител од Кисела Вода.

Во понеделникот, додека протестираа жителите на Кисела Вода, дојде градоначалникот на Општината, Филип Темелковски, кој изјави дека моментално решение ќе биде зголемувањето на присуството на персонал и полиција во болницата. „Ова е мерка за наредните две недели, а потоа, во наредните три месеци ќе се изврши дислокација на Центарот за зависници“, рече Темелковски.

(В.М.Л.)