Се преслушуваат „бомбите“ за „Тревник“


Со преслушување на прислушуваните разговори што се дел од доказниот материјал на Специјалното јавно обвинителство, денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за случајот „Тревник“, во кој се обвинети  Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.

Одбраната на обвинетите побара за два од 137-те разговори да биде исклучена јавноста, на што Специјалното јавно обвинителство предложи јавноста да биде исклучена само за делот што е спорен, а не за целиот разговор. Одбраната кажа дека не се противи на тоа, доколку Судот има технички услови за такво нешто.

Судечкиот совет одлучи предлогот на одбраната за исклучување на јавноста за два разговори да го одбие како неоснован, а прифати јавноста да биде исклучена само за дел од спорните разговори кои се приватни.

Откако се слушна во судницата првиот разговор меѓу Латас и сопственик на градежна фирма – изведувач на градежните работи за објектите за кои се однесува делото, одбраната реагираше дека од разговорот не може да се слушне никакви инкриминирачки дејствија што се поврзани со делото.

– Доколку се продолжи со вакви аудио докази се отвора прашањето дали СЈО има право за покренување постапка, реагираше адвокатката Анита Бегова.

Обвинетиот Латас побра за сите 137 предложени докази да се даде спецификација од записник за прием од СДСМ во СЈО, да се даде доказ за автентичност во однос на содржината од експерт за такво нешто, како и потврда за секој разговор од учесниците дали ги воделе или не.

СЈО наведе дека за разговорите како докази веќе е одлучувано во овој суд за други предмети и оти аудио доказите не се единствени материјални докази на кои се темели делото.

Советот одлучи дека не се прифаќа приговорот на одбраната, посочувајќи дека дел од приговорите се апсолвирани во постапка на оценка на обвинителен акт.

Во однос на дел од приговорот за записник на аудио-снимките кажа дека веќе е поднесен во материјалните докази со листа од снимки на аудио ЦД-то.

Судечкиот совет посочи дека во однос на приговорите во оваа фаза на постапката ќе се овозможи приговор само на крај во целост.

По паузата во судница се слушаат разговори од 2011 година меѓу Латас и директор на фирмата изведувач во врска со изградбата на карабина, потпорен ѕид, базен и градина за викендичката, како и договорот за цената и за исплатата на средствата, како и разговори меѓу Драган и Срѓан за викендичките, патот до нив и паркинг места.

Според обвинението, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.