Се презакажуваат прегледите од „Мој термин“ во Детска клиника


Не се знае каде заболело со морбили тринаесетмесечното дете од Тетовско кое почина во вечерните часови во неделата од компликации предизвикани од мали сипаници на Клиниката за детски болести. Таму се лекувало и пред две недели, а родителите го однеле бидејќи се сомневале дека испило две апчиња аналгетик, по што му било направено прочистување и по два дена престој било пуштено дома. Вака го објасни случајот директорката на оваа клиника, Катерина Ставриќ. Епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје рече дека детето во петокот наспроти сабота било примено на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби поради типична клиничка слика на морбили, која покажувала многу тешка состојба.

„Со сигурност никој не може да каже дали детето се заразило со морбили на Клиниката за детски болести. Пред две недели лежеше на Клиниката поради други проблеми бидејќи родителите се сомневале дека испило две апчиња аналгетик, поради што беше примено и му беше направено чистење на телото од токсини и отрови. Два дена престојуваше тука, по што беше пуштено дома. Тоа беше пред три недели, не можеме да кажеме дека на Клиниката заболело од морбили“, рече Ставриќ.

На Клиниката за детски болести хоспитализирани се шест пациенти заболени со морбили. На три здравствената состојба им е подобрена и ќе бидат пуштени дома, меѓутоа она што загрижува е дека две доенчиња на шестмесечна возраст се во критична состојба. Самата возраст, вели Ставриќ, е ризик-фактор бидејќи тие е имаат намален имунитет и немаат примено МРП вакцина. Посочи и дека на Клиниката се преземени мерки поради епидемијата, но заболувањето не може да се превенира. Единствен начин да прекине епидемијата е вакцинацијата.

„Деца кои се заболени со морбили се примаат на Клиниката за инфективни болести, каде што има отворен оддел за тоа. Но, ако се со тешка здравствена состојба и имаат потреба да бидат поставени на респиратор, со договор помеѓу конзилиумите се прифрлаат кај нас. Детето со хронична белодробна болест, кое беше на имуносупресивна терапија со кортикостеориди, првично беше хоспитализирано на Инфективната клиника, каде што и мајката и детето беа со морбили. За цело време од престојот на Инфективната клиника, педијатри одеа на конзилиум и го договараа третманот на детето. По завршување на стадиумот со исипување за понатамошен третман детето беше префрлено на Клиниката за детски болести. Во неа има еден оддел кој е исклучиво за деца со морбили кои се хоспитализирани во посебни соби, односно по едно или две во соба. Овој период се примаат и деца со температура кои немаат уште дијагноза морбили. Штом ќе се појави исип, ние веднаш ги префрламе на Инфективната клиника или ги издвојувавме на одделот“, вели Ставриќ. Според неа, преземени се дополнителни мерки да не се шири епидемијата.

„Апсолутно забранивме посета и влез во болницата. Децата што престојуваат се со мајка и гледаме колку што е можно помалку да престојуваат. Притоа, преземени се и други мерки. Забранети се посети во болничкиот дел, одделот за пулмологија А е определен за примање деца со морбили, а други три оддели се наменети за прием на деца суспектни за грип. Прегледите во ‘Мој термин’ за повеќето супспецијалистички амбуланти, исто така, се презакажуваат за март. Хоспиталниот престој на децата со друга патологија се намалува со цел да не се изложуваат на ризик од морбили и грип“, рече Ставриќ.

Болниците, амбулантите и дежурните амбуланти и ургентни центри се најчести места каде што постои ризик од заразување. Затоа апелираше до родителите да одат на матичен лекар и доколку нема потреба да не одат по дежурни амбуланти за преглед. Единствена мерка со која ќе се прекине епидемијата и ќе се спречат нови смртни случаи кај високоризични деца од морбили е имунизацијата. Едно дете со морбили може да зарази десет деца околу него што не се вакцинирани.

„Не се само градинките места каде што децата можат да заболат од морбили, туку граѓаните треба да избегнуваат собири по игротеки, родендени. Компликациите од морбили, според извештаите на Светска здравствена организација, во земјите во развој можат да предизвикаат до 20 отсто смртност, факт што не е за занемарување“, додаде Ставриќ.

Инаку, во последното деноноќие, од понеделникот до вторникот, регистрирани се седум нови случаи на заболени со морбили. Двајца од заболените се задржани на болничко лекување. Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов има хоспитализирано 21 пациент заболен од морбили. Од почетокот на епидемијата досега, од морбили заболеа околу 230 граѓани, а вакцина против ова заболување примиле 6.548 граѓани. Од морбили за само три дена починаа три дeца.

 

Во сила нови мерки за заштита од морбили

 

Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство донесени нови дополнителни мерки за заштита на населението од епидемијата на морбили:

Сите родители што имаат деца со наполнети 6 месеци, а живеат на територијата на градот Скопје, треба да се јават во најблискиот вакцинален пункт за да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцина. Родителите, пак, кои имаат деца на училишна возраст, а не се ревакцинирани или воопшто не примиле МРП вакцина, да ги вакцинираат децата. Ова се однесува за сите деца што живеат во Македонија. Комисијата му предложи на Министерството да се почне со теренска вакцинација.

 

Вероника Мароска-Леова