Се исчисти отпадот околу студентскиот дом „Пелагонија“


Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ –Скопје почна доброволна акција за чистење на енормната количина на насобран отпад во дворот на студентскиот дом „Пелагонија“ во Oпштината Кисела Вода.
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ –Скопје Абдусамед Шабани нагласи дека иако оваа не е нивна обврска, сепак, тие како комунално претпријатие ќе најдат начин како да ги елиминираат сите црни точки што се секојдневие во Градот Скопје.
Воедно директорот Шабани апелира до граѓаните и до медиумите да им се придружат на нивните активности за зголемување на свеста кај граѓаните за почисти средини.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов упати апел до сите институции да имаат организирани служби за чистење на просторот.
-Сите општини да се грижат за подобрување на нивото на јавна хигиена и сите граѓани заеднички да помогнеме во одржувањето на јавната хигиена на Градот. Овие диви депонии, што можевме да ги видиме, ги создаваат луѓе. Отпадот не никнува од земја, туку ние сме тие што сме одговорни за неговото создавање. Токму затоа апелирам до граѓаните на нашиот град и до студентите отпадот да го фрлат таму каде што му е местото, кај корпите и контејнерите. Меѓутоа мора да разбереме дека изборот е наш дали сакаме да живееме во чист или валкан град, изјави Шилегов.
Директорот на Студентскиот дом „Пелагонија“ Бујар Муртезани истакна дека во текот на оваа година ќе биде поставен видео надзорен систем што ќе ги идентификува несовесните студенти и согласно со правилникот за куќен ред и статус ќе бидат соодветно санкционирани.
-Несовесните студенти кои ќе се идентификуваат дека фрлаат отпад првиот пат ќе бидат опоменати, вториот пат ќе бидат казнети со парични казни и третиот пат ќе бидат избркани од студентскиот дом. Службите секојдневно си ја вршат својата работа и го чистат отпадот и дека има повеќе отпад за време на викенди кога службите не работат, рече Муртезани.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, рече дека во соработка со Комунална хигиена и ЈП „Паркови и зеленило“ минатата година оствариле акција каде од една депонија направиле парк и дека годинава се очекува да имаат уште две такви акции каде целосно ќе се исчистат две нови депонии.
Сите говорници ја искористија оваа акција и за да упатат апел до студентите и граѓаните за посовесно одржување на јавната хигиена и зачувување на животната средина.