Се бара начин за згрижување на 63-годишниот Стоилов од селото Цера


Шеесет и тригодишниот самец Стоимен Стоилов од селото Цера, Македонска Каменица, кој пред два дена беше префрлен на Интерното одделение во Штипската клиничка болница, по неговото пуштање од болница, повторно се соочува со проблем каде ќе ја помине зимата.
Од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Делчево велат дека иако се бара начин тој да биде згрижен во некој од поголемите старечки домови, сепак неговото згрижување претставува проблем бидејќи тој е лице со медициски проблеми.
– Се обидовме да стапиме во контакт со сите старечки домови во Македонија со цел да најдеме начин ова лице да се згрижи. Во Битола и Струмица се работи за центри кои се користат како преноќишта, додека во Скопје во центарот „Момин Поток“ капацитетите се полни. Исто така бидејки се работи за лице со медицински проблеми, тие во недостиг на дежурен лекар не можат да го згрижат Стоилов, велат од Центарот за социјални работи од Делчево.
По објавената вест за Стоилов пред 15 дена, беше организирана акција за негова помош, но поради неможноста да се најде дом, тој беше оставен сам на себе и не можејќи да го издржи студот, заврши на Интерното одделение во Клиничката болница во Штип.
Центарот за социјални грижи и општина Македонска Каменица веќе обезбедија намирници, еднократна парична помош и облека за Стоилов, но по излегувањето од болница, тој ќе остане без дом, се до неговото згрижување.