Се бара лидер за враќање на власта


По официјализирањето на оставката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, започна да тече рокот за пријавување кандидати за негов наследник. Иако во јавноста протекоа имињата на можните наследници, прв кој признава дека ќе се обиде да стигне до челната позиција во најголемата опозициска партија во земјава е Филип Петровски, довчерашниот директор на Државниот архив на Македонија. Тој не важи за фаворит на моменталното раководство, но и покрај тоа е уверен дека ќе седне на фотелјата во „белиот дворец“.

Можеби не сум блиску до струите на актуелните функционери, но сум ептен блиску до струите што ги предводи обичното членство на партијата, кое е маргинализирано и кое не се прашува за ништо. Тоа ќе биде променето, кога ќе дојдам на чело на партијата, секој ќе добие шанса да влијае врз политиките што ќе ги водиме и да придонесува со своето знаење и искуство. Знам дека ќе има притисок врз делегатите на конгресот да гласаат вака или онака, но очекувам да размислат што прават, оти во прашање е иднината на партијата, а со тоа и на целата држава. Верувам дека секој делегат е свесен за предизвикот што следува. Јас лично на сите ќе им ја понудам мојата визија, очекувам да гласаат за мене и да ги поддржат моите напори за обединување на сите крила во партијата. А, потоа и да ја вратиме власта“, вели Петровски за нашиот весник.

Како негови противкандидати се споменуваат Христијан Мицковски, Никола Тодоров, Никола Попоски и Антонијо Милошоски. Имајќи предвид дека до конгресот, кој е закажан за 22 и 23 декември во Валандово, остануваат десетина дена, заминувањето на Груевски остава простор за целосна разединетост во партијата и за формирање табори. Петровски вели дека очекува фер-плеј внатрепартиска кампања и пружање рака на крајот, уверувајќи оти тој ќе истрча прв на целта, по што и другите ќе му ја признаат победата и заедно ќе работат за доброто на ВМРО-ДПМНЕ.

Дека ќе нема внатрепартиски поделби, бидејќи „ВМРО-ДПМНЕ е голема и сериозна партија“, очекува и пратеникот Илија Димовски, кој долги години беше задолжен за пиар-стратегијата на партијата. Тој тврди дека не донел одлука дали да се кандидира за наследник на Груевски, кој, наводно, го токмел него за претседател.

Сѐ уште се консултирам, има време, но не е толку важно кој ќе биде нов лидер, туку потребен е нов пристап за партијата да може да се отвори“, ни изјави Димовски.

И генералниот секретар Христијан Мицковски вчера кусо ни рече дека размислува дали да се кандидира за претседател. И тој важи за близок на Груевски, слично како и Милошоски.

Груевски, пак, вчера попладне се огласи на својата страница на Фејсбук отфрлајќи ги шпекулациите дека ќе поддржи или ќе фаворизира некого од кандидатите.

Ја информирам јавноста, а особено партиското членство и делегати на конгресот, дека повеќето од оние личности чии имиња секојдневно се споменуваат во медиумите како потенцијални кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ се мои долгогодишни соработници и пријатели, луѓе со кои со години заеднички сме работеле и заеднички сме носеле и сѐ уште носиме одлуки во партијата, а со дел од нив и во Владата сме делеле и добро и лошо, и со сите нив имам блиски релации како службени, така и приватни. Затоа, јас не планирам да се мешам во одлуките на делегатите ниту да им сугерирам кого да поддржат и да одберат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Груевски.

Според него, секој од можните кандидати чии имиња се споменуваат во медиумите има доволно искуство, знаење, визија и капацитет убедливо да го победи СДСМ и Зоран Заев на следните избори доколку има рамноправен терен за политичка борба, доколку останат доследни до своите принципи и декларирани ветувања и доколку ја задржат сопствената независност. На кандидатите им сугерира да водат фер внатрепартиски политички натпревар и да внимаваат на достоинството и угледот на противкандидатите, со што ќе го задржат единството на партијата. Ги советува следните денови да ги презентираат своите ставови пред членството, политики што планираат да ги водат за сите сегменти на политичкиот живот, сите сектори и за најважните државни и национални прашања, а по можност и за клучните лица и кадровски решенија кои би биле дел од нивниот тим.

На членовите на партијата им сугерирам, при градењето на сопствениот став и неговото пренесување во партиските тела и до делегатите, да се водат од општиот интерес на партијата и државата и да дадат поддршка за оној за кого веруваат дека најдобро ќе ги води партијата и државата по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт. Да не заборават дека улогата и довербата кон лидерот на партијата од страна на електоратот е одлучувачка при гласањето на изборите. Да не забораваат дека на 23 декември треба да го одберат идниот премиер на Република Македонија“, порача сѐ уште актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Неговата оставка не поминала веднаш на завчерашната седница на централниот комитет. Дознаваме дека имало два круга гласање за прифаќање на оставката, затоа што по првиот круг 30 члена на ЦК ја прифатиле, а 82 ја отфрлиле. Потоа, следувал уште еден говор на Груевски, во кој ги разуверувал дека заминува сигурно и оти тоа е во интерес на партијата. Во вториот круг 100 члена гласале за неговата оставка и за свикување конгрес, еден бил против, а десет воздржани.

Врз основа на Статутот на партијата, кандидат за претседател на партијата може да предложат најмалку 30 делегати на конгресот. Еден делегат може да поддржи само една кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Кандидатурите може да се поднесуваат најдоцна до 21 декември до 15 часот до правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, во архивата на партијата. На конгресот во Валандово на 22 и 23 декември ќе можат да гласаат 544 делегати, истите оние што гласаа и на претходниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ пред две години во Куманово. Меѓу нив се притворените пратеници Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски и Сашо Василевски, како и ексминистерот Митко Чавков. На листата се и делегати што веќе не се активни во партијата.

Горан Адамовски