Се бараат „јунаци“ од ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени


Во ВМРО-ДПМНЕ чекаат повик од „Илинденска“ за консултациите што ги најави премиерот Зоран Заев, но не сакаат да разговараат за уставни измени, туку за условите што ги постави опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
„Може да има средба, ама за избор на нов јавен обвинител, за формирање анкетна комисија за референдумот и за техничка влада, затоа што уставните измени се завршена работа откако не успеа референдумот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ ги толкуваат ваквите ставови како обид на ВМРО-ДПМНЕ да ги пролонгира изборите, со оглед на тоа што последните измени на Законот за Влада предвидуваат преодна влада сто дена пред парламентарни избори, наспроти Уставот, каде што е определен рок од максимум 60 дена од распуштањето на парламентот до одржувањето на изборите. ВМРО-ДПМНЕ, според владејачки функционери, сепак, не е во позиција да условува затоа што за распуштање на парламентот се доволни 61 глас, за разлика од двотретинското мнозинство што е потребно за пристапување кон промена на Уставот. Наспроти тоа, од ВМРО-ДПМНЕ укажуваат дека пратеничката група на СДСМ нема сама апсолутно мнозинство во законодавниот дом, така што ѝ треба поддршка од други партии за евентуално распуштање на парламентот.
Од ДУИ се засега се воздржани околу опцијата за предвремени избори, иако не ја исклучуваат како последно решение доколку се исцрпат сите можности за договор со опозицијата за поддршка на уставните измени. Во тој контекст, во владејачки кругови не се исклучува можност, доколку дојде до избори, партиите што го поддржаа референдумот да настапат со заеднички кандидатски листи. Со тоа, како што се оценува, и на евентуалните измени би им се дала референдумска димензија, така што граѓаните главно би требало да изберат меѓу две опции – т.н. европска коалиција и сегашната опозиција која го бојкотираше референдумот за името и за евроатлантските перспективи на државата.
Наспроти гласните пораки што доаѓаат од меѓународната заедница за поддршка на резултатите од референдумот и за процесирање на уставните амандмани во актуелниот собраниски состав, првичните сигнали што доаѓаат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не навестуваат позначајна соработка на опозициски пратеници за промена на Уставот. Списокот на можни поддржувачи на уставните измени од опозицискиот табор се стесни уште пред референдумот, откако дваесетина пратеници, главно со подолг политички или собраниски стаж, објавија преку социјалните мрежи дека нема да гласаат за уставни измени со цел промена на уставното име. По референдумот, на листата почнаа да се запишуваат и други пратеници, вклучително со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев. Тој вели дека нема да гласа за уставните измени што произлегуваат од договорот со Грција.
„За мене таа работа е завршена. Референдумот не успеа и јас како пратеник нема да гласам за уставни измени“, вели Данев.
За време на референдумот, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ се споменуваше меѓу опозициските функционери што излегле на гласање, но тој вчера не ни ја потврди ваквата информација.
Во очекување на консултациите меѓу мнозинството и ВМРО-ДПМНЕ за евентуална соработка околу промените на Уставот што следуваат по референдумот, Данев вели дека нема информации дали се планирани разговори меѓу власта и опозицијата и на кое ниво.
Извори од владејачкиот табор не исклучуваат можност од поединечни консултации со дел од пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за да се испита расположението за „делумна“ поддршка од претставници на опозицијата за уставните измени. Ако до 10 овој месец не се обезбедат потребните девет до десет гласа плус за двотретинско мнозинство, реални се шансите да се свика собраниска седница за самораспуштање на парламентот, затоа што изборите би требало да се одржат во најкус можен рок.

За СДСМ засега не се прифатливи условите што ги поставува ВМРО-ДПМНЕ.
„Фокусиран на амнестијата, врвот на ВМРО-ДПМНЕ не знае што прави, партијата не знае каде тера. Нема ништо порелевантно од волјата на над 600 илјади граѓани“, реагираа вчера од СДСМ по кавгата што избувна меѓу пратеникот Костадин Костадинов и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Столиковски.
На Костадинов, кој држеше прес-конференција пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, вербално му упадна Стоилковски и тие двајцата се скараа пред камерите. Стоилковски претходно соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ нема да преговара воопшто за обезбедување двотретинско мнозинство за уставни измени. Тој ги повтори условите за вонредни избори што уште ги соопшти партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Костадинов обвини дека зад овие услови се крие барање за амнестија на поранешните владејачки функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а пред сè на експремиерот Никола Груевски. Тој потврди и дека од СДСМ сè уште не испратиле покана за преговори и ја отфрли можноста за тајно гласање во Собранието за уставни измени.
Александра М. Митевска