Сертификати за 30-тина невработени кумановци за завршена обука


Триесетина  невработени лица, активни баратели на работа, денеска во кумановскиот Центар за вработување добија сертификати за завршена обука за службеници во книговодство. Невработените лица преку обуката и со добиениот сертификат стануваат конкурентни на пазарот на трудот, бидејќи ова занимање е дефицитарно на локалниот пазар на трудот.

Надлежните соопштија дека невработените посетувале четиримесечна обука, што вклулучува три месечна теоретска настава од областа на книговодство и еден месец практична настава во книговодствени бироа.

Во обуката се вклучени два провајдери кои имаат сертифицирана програма за обука „Еуро Колеџ“ и образовен центар „Визија“ од Куманово.

– Целта на оваа мерка е да се зголеми конкурентноста на невработените на пазарот на трудот. При анализата на пазарот на трудот што Агенцијата за вработување редовно ја спроведува, ова занимање се покажа како дефицитарно и во таа насока беше предвидено како дел од програмата -обука за побарувани занимања на пазарот на труд, изјави директорката на Центарот за вработување, Марија Димитријевска.

За обуката аплицирале 114 активни баратели на работа, одбрани се триесет, согласно предвидените критериуми, односно завршеното образование економски факултет или економски техничар.

Обучувачот Фросина Николовска од „Еуро Колеџ“ истакна дека кандидатите покажале интерес за оваа обука која успешно ја завршиле и го положиле завршниот тест.

Програмата, обука за дефицитарни занимања се спроведува во рамки на оперативниот план на Владата на за 2018 година.