Семејството Чаушовски 25 години е без работа и живеат создавајќи уметност


Семејството Чаушовски од Берово скоро 25 години е без работа, но тоа ни во еден момент не ги поколеба или наведе на размислување дека треба лебот да си го бараат надвор од Македонија, пишува МИА.

Целиот свој живот и го имаат посветено на уметноста од која живеат. Ванчо Чaушовски има 51 година, по образование е електротехничар, но се занимава со уметност. Тој е самоук уметник и тоа воедно и е негова најголема љубов и главна преокупација, уште од детството, од кога знае за себе.

Ни раскажува дека како дете, без поддршка од своето семејство, купувал уметнички прибор и сликал, се дружел со моливот. Тој е сликар, копаничар, фрескописец, иконописец… За себе вели дека е скулптор кој ги работи сите видови резба, плитка, длабока, поткопана или скрозирана, скулптурална а кои сите заедно се видливи, на иконостасите.

Неговите дела припаѓаат на уметничкиот правец реализам.

– Моите слики се обични, зборуваат самите за себе. Реално искажани. Она што го мислам, тоа го пренесувам, нагласува тој. Чаушовски изработуваат и сувенири од природни материјали застапени во нивното опкружување (камен, дрво), сликаат на стари ќерамиди, (најчесто мртва природа, но и икони)…

За семејството Чаушовски

Уметничкиот талент одамна е присутен во ова семејство. Дедото на Ванчо бил фотограф. Покрај Ванчо, семејството Чаушовски го сочинуваат неговата сопруга Гордана, по потекло од Зрењанин, најстарата ќерка Данијела е дипломиран психолог, средната е Вероника, која има салон за разубавување и неодамна стана мајка на малиот Јован. Најмалата ќерка Теодора има единаесет години.

Гордана пристигнала во Берово доста млада, на 18 години и покрај Ванчо научила се во врска со уметноста. Работи филц, односно со мека волна изработува сувенири, шалови, капи, ракавици, како и фигури на овчар, овци, баба и дедо кои се најбарани од клиентите во последно време. Работи со камен и слика, најчесто пејзажи и мртва природа.

Ванчо потенцира дека децата се негово богатство и оти се родени со уметнички талент. Според него, Данијела има најголем талент но таа се уште не е доволно посветена на уметноста.

– На моите деца им велев дека во животот треба да имаат идеали, а не идоли. Да остават трага позади себе, посочи Ванчо.

Данијела пак ни раскажа дека сите по малку му помагаат на Ванчо.

– Многу сме блиски и се поддржуваме како семејството. Теодора е се уште мала, иако има училишни обврски, покажува интерес, но се уште не е дефинирано. Средната сестра имаше афинитет, но во друг дел од уметноста е, а јас бев најмногу со татко ми, работев на терен пред да дојдам во Скопје. Студирав и паралелно работев на терен. Напорно е зашто местата каде се работи се подалеку од дома и не се исплати да се оди и да се враќа секој ден, да се патува. Остануваме таму, од едена недела од десет дена, зависи од планот, седиме во конаците, а во во црквите работиме од рано наутро до доцна навечер, практично цел ден работиме, нагласи Данијела.

Таа вели дека каде и да оди, што и да прави, пак се навраќа на уметноста, талентот, коренот…

– Уметноста ми беше неизбежен дел од мојот живот, работа на која можам да се навратам, Работа која можам да ја работам и без диплома. Така ја донесов одлуката, а психологијата е нешто што ме интересира, и тогаш и сега, нагласи Данијела, која се надева на вработување по струка.

За творештвото на Чаушовски

Мотото со кое се раководи Ванчо е „Никогаш не вели не можам, не сакам и не знам“. Потребна е само голема љубов и уште поголема желба, тогаш се е можно и остварливо. Тој изработува уметнички слики, во повеке различни техники. Резба работи на суво ореово дрво кое претходно е специјално препарирано и подготвено за таа намена. Некаде од почетокот на деведесетите години датираат неговите први резби. Ванчо ни самиот не им го знае бројот на неговите изработки бидејќи , како што вели, тоа и не е нешто коешто треба да се брои, туку само да се работи и создава. Чаушовски работат со нарачки, телефонски, преку социјалните мрежи, преку контакти, препораки од клиенти и пријатели.

– Се околу нас е уметност, потребно е само да го препознаете и да го дообликувате за да биде оригинална творба. Инспирација е тука во околината, во природата која не опкружува, прошетките низ шумата. Како наша предност би го навел и самото тоа што живееме во преубавото Берово кое е опкружено со природни убавини со шуми, вода, мир и спокојство…Останува само својата љубов и творештво да го насочите кон соработка со природата па така заеднички да создавате дела, истакна Ванчо.

Сепак, најголем предизвик на Ванчо му е резбата, особено кога има слобода на изразување. Доколку нарачката не е строго дефинирана, со димензија или облик, знае да земе едно парче дрво, да седне, да го гледа, да му дозволи на дрвото да зборува, па потоа да го работи или да му вдахне живот. Негова карактеристика или обележје во работата е тоа што ја задржува природната форма на дрвото, во средишниот дел ја става иконата или тоа што клиентот го замислил а потоа, се си доаѓа самото по себе на своето место, како во некоја сложувалка.

Неговите резби и слики, веќе одамна ги разубавуваат домовите и канцелариите на повеќе познати и обични луѓе кои знаат да ја ценат вредноста и уникатноста на изразувањето на овој уметник со препознатлив стил. Делата на Чаушовски ги имаат поминато сите граници и ги има на сите континенти.

– Нема континент каде нема моја резба. Во Швајцарија, Германија, Холандија, Словенија, САД, Австрија, Австралија.., рече Ванчо, кој е воедно и член на Здружението на копаничари на Македонија. Зад себе веќе има остварено повеќе самостојни и неколку групни изложби низ државава. Неколку пати има изложувано и со сопругата Гордана, со која веќе неколку години заедно изработуваат икони во оригинална византиска техника.

Досега двајцата редовно учествувале на сите поважни настани и манифестации во Берово и Малешевијата каде се претставуваат со своите дела. Учествувале и на традиционалниот саем на рачни изработки „Малешевијата на дланка”.

Во неговите резби многу често се застапени извиени жили или корени, како и камења кои се на некој начин и препознатлива карактеристика или стил на самиот уметник.

Работа во црквите

Ванчо и Гордана имаат работено на осликување на повеќе цркви. Ванчо ни раскажа дека неговата сопруга пред неколку години посетувала „секција иконопис“ во манастирот „Св. Архангел Михаил“ кај монахињите, а потоа стекнатото знаење и љубовта за иконопис му ја пренела и нему. Така заедно со Гордана учеле за византиската уметност.

Првата црква на која работеле е „Св. Недела и Св. Петка“ во беровската населба Абланица. Тука имаат прв и комплетен фрескопис, кој го почнале во 2004, а целосно го завршиле во 2006/2007 година. Работеле во црквата „Св Петка“ во село Габреш, Кумановско на комплетен иконостас (резба и икони), а работеле фрески и во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Делчево.

Кога работат на фрескопис, обично Ванчо оди со семејството, како тајфа. Работат сите заедно, но секој со својот дел од задачата. Некој ја осликува основата, друг ги осликува драпериите или украсите, трет работи на ликовите…така работата се движи многу побрзо и порелаксирано. Често го работат целиот ентериер во црквите како резби, певници, икони, целивални, влезни врати на црквите, столбови за иконостас икони и фрески.. Во просек работат од две до четири години.

Досега имаат фрескопис и иконопис во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Суви Лаки, фрескопис во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Берово, имаат изработено фрески во црквата „Св. Петка“ во Карбинци, Штип…Работеле во Велес, Росоман, имаат иконостас во црквата „Св. Илија“ во Горно Нерези, Скопје. Во моментов во процес на изработка е иконостас во Гевгелија, а летоска завршиле и наместиле иконостас во Словенија како и уште неколку други помали иконостаси.

Во зимскиот период главно работат дома, а во црквите со фрески работат од април до доцна есен бидејќи потоа ѕидовите се ладни, нема сушење на боја и процесот оди бавно. Дома работат во посебна работилница, главно на резба, крупни работи, иконостас…

На нашето прашање за пласманот на делата и дали се вреднува доволно нивниот труд, Данијела вели дека во Берово има туристи, но тие не секогаш знаат дека постои семејството Чаушовски кое изработува сувенири или уметнички дела.

– Многу полесно би било доколку би имало сувенирница, продавница каде ќе биде изложено се и каде ќе може да се набави. Моите размислуваат понатаму да отворат и на тој начин да функционираат, најмногу за туристи, ни објасни Данијела.

Чаушовски веќе втора година како работат со своја сопствена фирма – „Малешевски сувенир“ преку која малку повеке се агажирани околу изработка и пласман на сопствените производи.