Села побара Министерство за бурек


И по конечната средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на „Алијансата за Албанците“, Зијадин Села, нема договор за тоа кој ќе биде новиот министер за здравство. „Алијансата за Албанците“ и натаму останува дел од владиниот кабинет, но останува цврсто на првичните ставови. По средбата, која траеше 20 минути, Села категорично изјави дека коалицијата на која тој ѝ припаѓа нема да прифати ресори што се креираат преку ноќ и кои ја омаловажуваат „Алијансата за Албанците“ која, пак, според Села, многу успешно го водела ресорот здравство.

„Ако на некого му пречи успехот на коалицијата „Алијанса за Албанците“, нека излезе и јавно нека се изјасни дека е против и дека е на страна на хаосот. Празните ресори, како што е вицепремиерското место за реформи, се неприфатливи за нас. Му дадов предлог на премиерот нека ни додели вицепремиерско место за носење бурек, и тоа место со огромно задоволство ќе ѝ го предложам на ДУИ, бидејќи знаат да го прават тоа. Ние остануваме цврсто на нашите ставови, за сѐ друго треба да се праша премиерот. Се надеваме дека предлогот за ресорот здравство ќе биде од страна на „Алијансата за Албанците“ и дека на овој начин премиерот ќе биде сериозен, ќе покаже и ќе докаже дека не потклекнува на притисоци што некој ги прави само за да игра политички игри“, изјави Села.

Според Села, апсурдно е повторно да се отвораат кадровски прашања за владиниот кабинет бидејќи политичките партии веќе имале претходна согласност за ресорите и владиниот „колач“. Ако веќе се планира реконструкција, Села на Заев му препорача дека таа би требало да важи за сите партии што се дел од владејачката структура, а не само за „Алијансата“.

„Ако треба да има договор за реконструкција, тоа треба да се однесува на целата владина коалиција, а не само за ‘Алијансата’. Ние остануваме во Владата за процесите на реформи што ги поддржувавме и ќе ги поддржуваме во иднина. Бевме главни актери за да падне режимот и ќе се залагаме сите од остатоците од режимот да сносат одговорност пред лицето на правдата, бидејќи правдата е целосна ако се однесува на сите, без разлика дали се работи за сегашни или бивши функционери“, рече Села.

На новинарско прашање, како Министерството за здравство остана празно и зошто истото веќе 3 месеци е проблематизирано, првиот човек на „Алијансата“ ја обвини партијата на Али Ахмети дека го направила целиот хаос околу овој ресор.

„Ако ги следевте првиот и вториот циклус на изборите, сигурно забележавте дека првите што изјавија дека „Алијансата“ излегла од Владата беа Бујар Османи и Артан Груби и дека ова прашање е проблематизирано поради притисокот од страна на ДУИ. Али Ахмети попрво е спремен Министерството за здравство да го земе СДСМ, отколку да го задржи „Алијансата“ и Албанците. Јас не се чудам од ваквиот пристап бидејќи во јавноста се појавија обвинувања за тоа како Албанците ја изгубија кумановската болница. Истиот став ДУИ го имаше и за таа болница, значи подобро таа болница да се менаџира од СДСМ отколку од „Алијансата“. Од политички причини разбирам зошто реагираат вака, се плашат дека ќе ги изгубат изборите, и затоа имаат таков став“, изјави Села.

И покрај заладените односи не само со партијата на Ахмети, туку и со таа на Весел Мемеди, НДП, Зијадин Села изјави дека заедничките партиски договори, како што беше заедничката декларација не се минато.

„Не, не се минато. Јас секогаш сум изјавувал дека личните инаети што може да се создадат во меѓувреме никако не треба да ја држат во заложништво сегашната политичка реалност што треба да ја наследат следните генерации. Заедничката декларација претставува многу важен политички елемент за децата на Албанците и како таква треба да функционира без разлика на различните суети“, изјави Села.

Вулнет Ферати е кандидатот на „Алијансата за Албанците“ за празното место во здравство, додека владата на Заев преку нејзиниот портпарол ја официјализираше кандидатурата на Венко Филипче за истиот ресор. Ова значи дека здравството и понатаму ќе остане празно и без министер. Премиерот Заев во неколку наврати изјави дека од голема важност е за Македонија конечно да се пополнат кадровските места и да се комплетира владиниот состав.

Блерим Исмаили