Партијата на Села: Мицкоски да го смени менталниот концепт, а не да бара амнестија


Алијансата на Албанците не сака ни да слушне за понудата на ВМРО-ДПМНЕ да биде донесена амнестија за случувањата во Собранието од 27 април минатата година. Во изјава за „Независен весник“, од партијата на Зијадин Села велат дека барањето на Христијан Мицкоски го сметаат за тенденциозен, злонамерен и апсолутно непринципиелен.

„Крајно време е новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски да го сменат начинот на водење политика спрема Албанците. Треба да се оградат од осудените насилници, јавно да му се извинат на претседателот, како и на членството на партијата, а не да се трудат да ги заштитат овие насилници, кои што се обидоа да го убијат лидерот Зијадин Села. Замислете каков парадокд, Мицкоски бара амнестија од Сеча за оние насилници кои што сакаат да го убијат Села. Ова е крајно несериозно“, велат од партијата.

Од таму потенцираат дека ВМРО-ДПМНЕ треба да го реафирмира сопствениот ментален политички концепт спрема Албанците, да го поддржат Законот за јазиците, да не ги кочат евроатлантските процеси и да бидат конструктивни и кооперативно во заедничкиот пат кон НАТО и кон ЕУ. Бараат и да биде поддржан догорото за името со Грција, а со тоа и интеграцијата и членството во НАТО и ЕУ, оти само на таков начин ќе може некогаш овие две политички партии да соработуваат.

„Само ако насилниците се казнуваат со максимални казни, тогаш нема да се осмели некој друг да повтори такво кривично дело. Во спротивно, секогаш ќе се остава простор да се повтори таков насилен акт, во случајов обид за убиство“, дополнуваат од Алијансата на Албанците.

Вчера, во скопскиот Кривичен суд беа донесени пресуди за нападот врз Села, при што седум лица се осудени на вкупно 81 година затвор. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека партијата ќе подготви Закон за амнестија и за нив, но и за сите обвинети во насилните случувања во Собранието, по што побара лично Села да го поддрши неговото барање. (Г.А.)