Села излегува од владата по усвојувањето на Законот за јазиците


Алијансата за Албанците ќе остане во владината коалиција се до изгласувањето на Предлог-законот за употреба на јазиците, изјави лидерот на партијата Зијадин Села.

Села и неговиот партиски колега Сурија Рушити дојдоа на седницата за избор на членови на Владата, но откако не беа прифатени нивните предлози за менување на дневниот ред при гласањето за нов министер за здравство, тие ја напуштија седницата.

Села во изјава за медиумите на паузата на седницата кажа дека тие двајцата гласале за дневниот ред на оваа, 27. седница, на Собранието, затоа што како точки се предлозите на Законот за јазиците, Законот за амнестија и некои други закони од интерес на граѓаните.

Лидерот на Алијансата за Албанците изрази надеж дека денеска ќе биде донесен законот за јазиците.

– Од тој момент Алијансата за Албанците престанува да биде дел од ова владеење кое се нарекува реформска Влада. Од ден на ден ние се уверуваме и граѓаните, исто така, дека останува „машина за перење“ на гревовите на криминалите и на корумпираните политичари кои се дел од власта, рече Села.

Според него, не се работи само за пополнување испразнети места во Владата, туку за реконструирање на Владата.

– Премиерот денеска докажа дека не стои на договорот кој е постигнат кога се формираше Владата, рече Села, додавајќи дека владата го сменила ставот во врска со градењето на Клинички центар и за тоа се предвидени буџетски средства