Села би коалицирал со Мицкоски ако им се спојат програмите


Кратко време по пресудата за обидот за негово убиство во ланските немири во Собранието, претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, можеби ќе мора да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ. Доколку нема двотретинско мнозинство во парламентот за да се изгласаат уставните измени и се распишат избори, ниту една од двете партии не ја исклучува можноста заедно да седнат во заедничка влада. Предуслов е да победат во македонскиот, односно албанскиот блок, а потоа и да имаат исти приоритети и поглед кога е во прашање иднината на државата.

„За нас во оваа фаза е важно да се вложат сите политички напори, за да се постигне потребниот консензус на политичките парламентарни партии, и потребното двотретинско мнозинство во Собранието за уставни промени за преспанскиот договор. Но и доколку се постигне потребниот консензус за целиот политички спектар по уставните измени, земјата мора веднаш да оди на предвремени парламентарни избори. На процесот треба да му претходи пржинскиот модел заедно со чистење на изборните листи од фиктивните гласачи, завршување на дебатата за изменување и дополнување на Изборниот законик, како и спроведувањето на пропорционален изборен систем со отворени листи. Бидејќи во оваа фаза има недостаток на време, дебатата за бројот на изборните единици треба да биде завршена во еден друг момент, а итно да се реши проблемот со изборната единица 6, која има 10 отсто повеќе гласачи од другите изборни единици, а тоа е во спротивност со Уставот и Законот за избори. Алијансата за Албанците предлага Дебар и Кичево како територии целосно да поминат во изборната единица 5“, брифираат од партијата на Села.

Нивните анкети покажувале раст на рејтингот поради што се надеваат на конкурентност кон ДУИ, за која велат дека под превезот за европска Македонија користи време да не почне со потребните реформи, односно да продолжи со своето расипничко однесување. Сè уште размислуваат дали ќе влезат во предизборна коалиција со делот од Беса кој не е дел од Владата.

„Како приоритет останува нашата определба и политичката заложба за земјата што поскоро да чекори кон НАТО и ЕУ. Исто така, сметаме дека во име на внатрешна кохезија треба да се почитуваат и усвојуваат барањата на албанските гласачи, кои уште повеќе ќе ја демократизираат Македонија и ќе ги забрзаат евроатлантските процеси. За каква било соработка по изборите со СДСМ, или ВМРО-ДПМНЕ, во случај на победа на Алијансата за Албанците, можна е коалиција со победникот од македонскиот политички блок ако ја прифатат нашата платформа и програма“, посочуваат од Алијансата на Албанците.

И во Беса на Биљал Касами не отфрлаат можност за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, но тврдат оти сега е премногу рано да се разговара за тоа.

„Да видиме прво дали ќе дојде до изгласувањето на уставните измени. Доколку не, подготвени сме за избори. Во овој момент не сме размислувале за постизборна коалиција“, велат од партијата.

Пред неколку дена, од нивната партија ја вжештија и онака зовриената атмосфера уценувајќи ја поддршката за договорот со Грција само ако при промената на Уставот се вметнат и унапредувањето на правата на Албанците во Македонија, како втора по големина етничка заедница во земјата. Во моментов, тетовското крило на Беса располага со два пратеника, но при евентуално гласање во парламентот секој човек ќе биде исклучително важен. Во математиките на власта, овие два пратеника се сметаат за сигурни, па затоа се „бркаат“ најмалку девет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција. На прашањето дали сега е вистинскиот момент да се протуркаат и уставни измени за правата на Албанците и дали тоа значи дека доколку бидат одбиени нема да гласаат за договорот со Грција, од БЕСА одговараат оти штом се менува Уставот, со еден удар можел да се реши и другиот проблем.

„Најпрво да видиме дали воопшто ќе дојде до гласање. Потоа да го видиме одговорот на власта. На крајот ќе одлучиме“, потенцираат соработниците на Касами.

Тие ја отфрлаат можноста за предизборна коалиција со СДСМ оценувајќи дека секоја коалиција на СДСМ со која било албанска партија, без да ги заокружи уставните права на Албанците како еднакви граѓани во Македонија, би била штетна за интересите на Албанците.

Горан Адамовски