Секое второ дете погодено од загадениот воздух


 

„Состојбата навистина го погодува здравјето на децата, секое второ дете е погодено од аерозагадувањето. Детска болница Козле е преполна“, изјави Драги Змијанац, директор на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, кој денеска присуствуваше на протест пред Владата против загадувањето во Скопје.

Тој рече дека ќе ги подржат сите граѓански иницијативи на мајки, татковци, родители, граѓански здруженија кои се занимаваат и кои се залагаат да се подобри состојбата со краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки, вклучувајќи ја и онаа да не се децата на училиште.

„Забележуваме дека Министерството за образование е подготвено на нашата вчерашна реакција да одговори соодветно, да не се пуштаат децата во екстремно аерозагадување, да се бојкотира наставата, да се организираат протести, поддржуваме граѓанска непослушност, блокирање на патишта, со цел да се подобри состојбата. Tреба да се прогласи вонредна состојба ако загадувањето е два дена по ред над дозволеното“, истакна Змијанац.