Сеад Кочан без да покаже емоција ја слушна пресудата


Бизнисменот Сеад Кочан со бројаницата во рацете почна да го слуша образложението на судиската одлука и ја дочека пресудата за случајот „Труст“ со која треба да помине шест години в затвор. Судијката Лидија Трајковска-Зимбовска покрај него го осуди второобвинетиот Василие Авировиќ на три години затвор, а третиот, кому му се судеше, Сафет Ватиќ, беше ослободен од обвинението.

Авировиќ не дојде во судницата да ја слушне пресудата бидејќи имал здравствени проблеми. Фирмите кои се обвинети – „Трансмет“ и „Силекс неметали“ треба да вратат 17 милиони евра, односно сумата за која обвинетите го оштетиле државниот буџет.

„Изречената казна затвор не треба да претставува одмазда за обвинетите за стореното кривично дело, туку да го застраши и да го одврати конкретниот сторител од извршување на вакво кривично дело. Судот цени дека со изречените казни затвор ќе се постигне целта на правораздавањето“, рече судијката Трајковска-Зимбовска.

Сеад Кочан не покажа никакви емоции ниту во текот на судскиот процес ниту при изрекувањето на пресудата. Со оглед на тоа дека специјалниот јавен обвинител не побара притвор, по пресудата Кочан си замина како и секогаш од судот, слободен, без никаква комуникација со медиумите. За специјалното јавно обвинителство е доволна гаранцијата што ја даде Сеад Кочан дека нема да бега и затоа не побарале притвор.

„Мерката притвор за Сеад Кочан не е задолжителна. Порано доколку се изречеше казна затвор од над пет години, притворот беше облигаторна мерка. Но Уставниот суд го укина тоа како решение. Ние добивме гаранција дека нема да се даде во бегство и со сето ова веќе е невозможно да се употреби построга мерка кога веќе дал гаранција“, изјави обвинителот Гаврил Бубевски.

Со оглед дека минималната казна за ова дело е пет години, Сеад Кочан е обвинет на казна затвор блиску до минимумот, а Авировиќ е осуден на казна затвор под минимумот.

Сепак, СЈО е задоволно од казните и ако утврдат дека со овие казни ќе се постигне генерална превенција за ваков вид криминал, нема да се жалат на пресудата. Пресудата не е правосилна.

Фирмите „Трансмет“ и „Силекс неметали“ треба да вратат 17 милиони евра во државниот буџет, но бидејќи немаат имот, парите ќе бидат земени од имотот на основачите на фирмите.

Специјалното јавно обвинителство му честиташе на судот токму за одлуката на судот за конфискацијата според бруто-принцип, сума од која нема да се одбиваат никакви трошоци, односно ќе се конфискува целата сум на тендерот. Досега СЈО замрзнало односно привремено обезбедило 90 отсто движен и недвижен имот.

„За конфискацијата, можам да му честитам на судот. Ова е прва ваква работа во Република Македонија, се работи за бруто-принцип на конфискација, кој, најверојатно, ја прави најголемата превенција од идни вакви кривични дела. Се работи за современ принцип кој го имаат сите современи правни системи. Досега, според мене, во моето искуство јас немам видено ваква конфискација со бруто-принцип, иако и законот и членовите кои се однесуваат на конфискацијата дозволуваат ваков начин“, изјави обвинителот Бубевски.

Од материјалните и вербалните докази судот утврдил дека Кочан, управител на „Трансмет“, и Василие Авировиќ, потписникот на документацијата на фирмата „Силекс неметали“, ја злоупотребиле постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.

Фирмите „Трансмет“ и „Силекс неметали“ добија парична казна од два милиона денари и во рок од три години не смеат да учествуваат во тендери. И Кочан и Авировиќ имаат забрана да управуваат, односно да застапуваат правно лице во наредните три години. Бидејќи фирмите немаат имот, имотот ќе биде земен од основачот на фирмите.

Судечкиот совет утврдил дека обвинетите со лажна документација ја изиграле постапката и добиле тендер за ископ на јаглен од РЕК „Битола“.

Ако досега сите обвинети излегуваа од судот и го изразуваа своето незадоволство од работата на судиите, ова судење беше оценето како коректно и од двете страни. И судијката оцени дека обвинетите биле коректни во текот на целата постапка, но и одбраната на обвинетите ја пофали работата на судијката и судечкиоит совет.

Роднина на обвинетиот Сафет Ватиќ кој беше ослободен од обвинение порача дека со новата власт стигнала и правдата во Македонија.
„Правдата дојде во Македонија, конкретно за нас правдата е достигната. Еве, сега конечно гледаме дека со оваа новата власт правдата дојде. Ова е праведна пресуда за нешто име и презиме, правдата е постигната. Им благодарам на судот и на обвинителството“, рече роднина на обвинетиот Ватиќ.

Семејството Ватиќ од овој процес излезе со чист образ и крената глава. Во нивно име благодарност до сите институции што стигнаа до правдата. Изразувам респект за судот. Оваа несомнено голема победа на одбраната не ја доживувам како лична победа ниту како пораз на обвинителството, туку како голема победа на правото“, изјави адвокатот на Ватиќ, Ванчо Митрев.

Во завршните зборови некогаш влијателниот бизнисмен рече дека не се чувствува виновен бидејќи немал никаква умисла да прекрши кој било закон.
„Покрај сувото, гори и суровото“, рече Кочан и додаде дека единствена цел му била да биде конкурентен на пазарот и да обезбеди работа за неговите вработени и нивните семејства.

Тој посочи дека не ги проверил документите за овој случај пред да ги потпише, иако како менаџер имал таква обврска.
„Како менаџер, иако сум имал обврска да ги проверувам сите документи пред да ги потпишам, тоа не го направив верувајќи цврсто во својот тим“, рече Кочан.

Во завршните зборови, пак, СЈО побара обвинетите да бидат осудени и го повлече обвинението за фирмата „Вато“.

Фросина Факова – Серафиновиќ