СДСМ ја чека ВМРО-ДПМНЕ во Собранието по празниците


СДСМ очекува ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието по новогодишните празници и заедно со парламентарното мнозинство да работи во интерес на граѓаните.

– Убедени сме и се надеваме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги напушти старите практики за деструкција и кочење на процесите и оти веднаш по Новата година ќе се врати во Собранието и заедно со парламентарното мнозинство ќе работат на сите позитивни законски процеси во интерес на граѓаните, рече генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски, на денешната прес-конференција на која информираше за сработеното во изминатите шест месеци откако партијата е на власт.

На прашање дали по излегувањето на Алијансата на Албанците од владината коалиција СДСМ преговара со ДПА да го заземе нивното место, Кирацовски посочи дека се водат разговори со сите политички субјекти.

– Имаме отворена врата за соработка со сите политички партии, дури и кон нашиот опонент. СДСМ во овој момент има стабилно парламентарно мнозинство, но во иднина ќе направиме се она што е во интерес на граѓаните да биде евидентно и да биде спроведено. Тоа мнозинство не е заради СДСМ, туку затоа што во земјава е развиена демократијата и мнозинството од пратениците ценат дека интересот на граѓаните и државата е пред се, рече Кирацовски.

Тој нагласи дека се демократска власт и оти оставаат слобода секој пратеник во Собранието да се однесува како што сака и според сопственото политичко убедување.

– Ние не ги шиканираме и не ги присилуваме пратениците да гласаат независно од која политичка проминенција и партија доаѓаат и ги оставаме тоа да го направат онака како што ценат и сметаат дека треба да се гласа, изјави генералниот секреат на СДСМ.