СДСМ сè уште бара кандидат. Кругот се стеснува меѓу Димитров и Пендаровски?


Појасна ситуација околу тоа кој ќе биде противкандидатот на Гордана Силјановска во претседателската трка се очекува следната недела, откако ќе завршат разговорите на СДСМ со коалициските партнери и со дел од опозициските партии од албанскиот блок за заеднички настап на изборите. По вчерашната средба во Клубот на пратениците меѓу лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, реализацијата на идејата за консензуален кандидат станува сè поизвесна. Коалициските партнери во одвоени изјави по средбата соопштија дека се на добар пат да договорат единствен кандидат за шеф на државата, но дека во оваа фаза од разговорите не зборувале за конкретни имиња. Единствено се разговарало за имињата што беа тестирани во анкетите што ги нарача СДСМ, за што Заев рече дека повеќе се истакнуваат оние кои се попознати во јавноста.

На средбата Заев – Ахмети во Клубот на пратеници ѝ претходеше средба на партиите од коалицијата предводена од СДСМ на „Бихаќска“. И од таа средба дојдоа сигнали дека постои расположение за заеднички настап на претседателските избори, со тоа што останува да се разговара дополнително со некои од партиите што најавија дека размислуваат и за самостоен настап во првиот изборен круг, како ЛДП или Партијата за движење на Турците. Во оваа фаза од разговорите впечатокот во партиски кругови е дека кругот се стеснува околу шефот на дипломатијата Никола Димитров и координаторот за НАТО, Стево Пендаровски, како партиски понеутрални кандидати кои поминувале подобро во анкетите, иако во партиската база сè уште има голема поддршка и за Радмила Шекеринска и за Оливер Спасовски. На средбите што Заев ги имаше овие денови во функција на претстојните избори, наводно, повторно е ставено во оптек името на универзитетскиот професор и поранешен министер за надворешни работи Денко Малески, за што, како што се посочува, сепак, би требало да се направи уште една анкета.

Партиски извори велат дека СДСМ мошне сериозно ги зема предвид резултатите од анкетите, поради проценката дека треба да се избере профил на кандидат преку кој би се постигнала што поголема мобилизација на гласачкото тело. Тука пред сè станува збор за неопределените гласачи, со оглед на тоа што се смета за реален ризикот во вториот круг да не биде постигнат потребниот цензус од 40 проценти излезеност, особено во случај на тивок бојкот на опозицијата.

Заев настапи вчера со оптимизам дека изборите, сепак, ќе бидат успешни посочувајќи притоа дека од 70 до 80 отсто од испитаниците во анкетите изјавувале дека ќе излезат на гласање. Сепак, како што посочи, не мора да значи дека тие високи проценти ќе се пресликаат и за време на изборите, затоа што, како што рече, едно се анкетите, а друго изборите.

На прашање дали професорката Гордана Силјановска, која е избрана од ВМРО-ДПМНЕ за претседателски кандидат, би можела да биде консензуален кандидат прифатен од и владејачките партии, Заев одговори дека таа не е прифатлива како кандидат за СДСМ поради тоа што, како што рече, е надвор од актуелниот концепт на живот и надеж.

– Таа не даде поддршка во ниту еден сегмент на тоа што го поддржува цел свет и огромно мнозинство од граѓаните. Македонија направи голем чекор напред, отидовме во исполнување на нашите децениски аспирации. Ние денеска сме земја каде што секоја недела се ратификува протоколот за НАТО, ние сме земја преговарач со ЕУ, а Силјановска е надвор од тој концепт“, изјави Заев коментирајќи ја изјавата на професорката која рече дека е подготвена да биде и заеднички кандидат доколку нејзиниот профил одговара на СДСМ.

Али Ахмети изјави дека политичките фактори имаат одговорност одлуките што ќе се носат да бидат во корист на државата, мнозинството граѓани и на партиите. Потврди дека разговорите продолжуваат на ниво на организациски секретари.

На прашањето дали ДУИ би го поддржала Зоран Заев како консензуален кандидат, Ахмети рече дека лидер на политичка партија не би требало да се кандидира за претседател. На прашање дали тој би се кандидирал за шеф на државата, Ахмети одговори само со „не“. Заев уште еднаш повтори дека не планира да се кандидира за претседател, затоа што, како што рече, како премиер и економист по професија сака да се посвети на зајакнување на економијата на државата.

Заев и Ахмети одговараа и на прашање дали шефот на дипломатијата Димитров има поддршка од Албанците затоа што во јавноста се појавија снимки со него и Јохан Тарчуловски. Заев рече дека Димитров е еден од неговите најблиски соработници и дека има поддршка од сите етнички заедници. Ахмети, пак, одговори неодредено дека како претседател на партија не може да дава мислења без да има анализа за процесот да биде успешен. (А.М.М.)