СДСМ се сомнева како Мицкоски станал професор


 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија го прозва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека професионалната кариера ја изградил благодарејќи на неговиот татко. Според пратеникот Костадин Костадинов, Мицкоски магистрирал и докторирал на факултетот каде што предава неговиот татко Иван, етаблиран професор на Машинскиот факултет.

„Потоа Мицкоски станува и негов асистент. Да, од толку многу професори Мицкоски бил асистент токму кај неговиот родител. Ова е распоредот на предавања на Машински факултет за летниот семестар во учебната 2015/2016 година. Јасно се гледа дека на трите предмети што ги предава професор Иван Мицкоски, асистент не бил никој друг туку неговиот син Христијан. Дополнително, во сите книги и учебни помагала наведени во биографијата на Христијан Мицкоски (објавена на веб страницата на МФ) како ко-автор е наведен токму неговиот татко, професорот Иван. Секој политичар којшто ја бара довербата во граѓаните мора искрено и чесно да одговори на сите прашања, особено кога станува збор за прашања кои што го доведуваат во прашање неговиот кредибилитет. Мицкоски треба да излезе во јавноста и да објасни како ја градел неговата академска кариера? Како тоа, од толку многу професори, Христијан Мицкоски бил асистент токму кај неговиот татко?“, реагираат од „Бихаќска“.