СДСМ: Проблемот во Аеродром го создадоа ВМРО-ДПМНЕ и Коневски


Токму ВМРО-ДПМНЕ и Ивица Коневски го создадоа проблемот во Општина Аеродром, СДСМ е на страната на граѓаните. Од СДСМ подвлекуваат дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со поранешниот градоначалник, Ивица Коневски, го изгласаа и усвоија спорниот Детален урбанистички план.

-Спротивно на волјата и потребите на граѓаните со тој план се предвидува уништување на зеленило и никнување згради  карактеристично за криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Советничката група на СДСМ во Советот веднаш се спротивстави на оваа одлука. Лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ денес да повикува на запирање на спроведување на ДУП И10, план што токму ВМРО-ДПМНЕ го донесе ненајавено и без никаква јавна дебата. СДСМ и тогаш и денеска е на страната на граѓаните, во заштита на зеленилото, интересите на граѓаните и ред во урбаното планирање, стои во соопштението на СДСМ.

Додаваат дека ставот на СДСМ против изградба на зграда пред Мајчин Дом во Аеродром и заштита на зеленилото и тогаш и сега останува ист, како и со ставот на граѓаните. Ги подржуваме граѓаните и ги повикуваме да бидат гласни, заедно да се најде решение на овој проблем што го создаде ВМРО-ДПМНЕ.

-Факт е дека локалната самоуправа во Аеродром како и во многу други општини во Скопје и Македонија наследи огромни проблеми. Но, со посветена работа се надминуваат напластените проблеми. Поднесени се повеќе иницијативи до надлежните судски органи за спорниот ДУП и се работи на решение, велат од СДСМ.

Од СДСМ потенцираат дека како што веќе објави градоначалникот на општина Аеродром, денеска е издадено решение за стопирање на градбата пред Мајчин Дом. Градбата е стопирана и започнува процес на барање решение низ дискусија, заедно со граѓаните, со инвеститорот и со Град Скопје.