СДСМ: Мицкоски за советувањата на Груевски добил речиси два милиони денари


Без никаков срам Христијан Мицкоски ги излажа граѓаните дека за периодот додека го советувал Никола Груевски не добивал пари. Јавно објавените документи во медиумите покажуваат дека додека Мицкоски му бил советник на Груевски, за неговиот ангажман граѓаните платиле речиси 2 милиони денари, се вели во соопштението на СДСМ.

„Се потврди она што граѓаните веќе го знаеја. Христијан Мицкоски ги лаже граѓаните исто како и Никола Груевски. Додека граѓаните осиромашувале, додека се уништувала економијата и се трупале огромни долгови, Христијан Мицкоски ги чинел граѓаните 2 милиони денари. Затоа Мицкоски го брани криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и не се извини за пустошот што и го направија на Македонија во изминатите 11 години“, стои во соопштението.

Мицскоски во изјава за Телма потврди дека за дел од периодот ангажиран како советник на  премиерите Груевски и Димитриев му бил исплаќан хонорар а дел бил про боно. Тој не го навел податокот дека добивал хонорар бидејќи досега никој не го прашал за тоа.

На ТВ дуелот со премиерот Зоран Заев, Мицкоски кажа дека работел про боно и дека службите на Владата не можеле да ја најдат сумата бидејќи таа не постоела.