СДСМ: Кочниците за ДИК се кочници за волјата на граѓаните


Дпмневските кочници за ДИК се кочници за волјата на граѓаните и за македонската иднина, ние тоа нема да го дозволиме, се вели во соопштението на СДСМ.

„СДСМ нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да ги блокира реформите, а со тоа да ја блокира државата и нејзината иднина. Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ пред граѓаните има обврска да изнајде решение за деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ, партијата којашто по секоја цена се обидува да го блокира подоброто утре за македонските граѓани. Измените на изборниот законик што беа направени во мај во согласност со сите партии предвидуваа обврска Државната изборна комисија да биде избрана во рок од триесет денови од стапувањето на сила на измените. Но, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ како на власт така и во опозиција, продолжува да не ги почитува договорите и законите, со цел се пазари за амнестија“, се наведува во соопштението.

Според СДСМ со своето однесување ВМРО-ДПМНЕ не само што го прекрши договореното туку и го попречува спроведувањето на законот.

„Наспроти блокадите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пратениците на СДСМ и парламентарното мнозинство ја презедоа должноста да овозможат формирање на ДИК и спроведување на договорениот закон. Важно е да се напомене дека и при избор на членови на ДИК со апсолутно мнозинство, ќе се почитува одредбата дека опозицијата предлага свои членови, токму онака како што е договорено. Деструктивните сили предводени од ВМРО-ДПМНЕ нема да го закочат изборот на ДИК и со тоа да го загрозат правото граѓаните да одлучуваат за својата иднина. Граѓните на референдум, слободно и без притисоци ќе кажат ДА за влез во ЕУ и НАТО, ќе кажат ДА за македонската иднина“, стои во соопштението на СДСМ.