СДСМ конечно „најде“ портпарол


Пратеникот од Струмица, Костадин Костадинов, е новиот портпарол на СДСМ.
Иако во последните неколку месеци беше најчест говорник на прес-конференциите на СДСМ, кои неретко ги одржуваше пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Костадинов сè до вчера не фигурираше официјално како портпарол на владејачката партија. Ова место точно една година беше празно во партиската централа на „Бихаќска“ откако претходниот портпарол Петре Шилегов замина од законодавната власт – кога на минатогодишните локални избори беше избран за градоначалник на Скопје.
Шилегов прексиноќа прослави една година од преземањето на градоначалничката функција, а за Костадинов вчера беше соопштено дека е именуван за портпарол на СДСМ.
Во изминатата година, владејачката партија беше повеќе окупирана со кадровски прашања во институциите отколку во штабот на „Бихаќска“. Поради тоа, и партијата немаше портпарол, а можеби единствената внатрепартиска реформа што ја направи во овој период беше кооптирањето на тројца нови членови во централниот одбор. Тогаш, покрај Андреј Жерновски и Чедомир Саздовски, во ЦО влезе и Костадинов.
Костадинов е еден од помладите пратеници во овој состав. Има 28 години и е дипломиран економист. Како 14. кандидат на СДСМ на листата во четвртата изборна единица, Костадинов не влезе во Собранието на парламентарните избори што се одржаа во декември 2016 година. Среќата му се насмевна откако од парламентот се повлекоа неколку пратеници од листите на СДСМ за да преминат во локалната или во извршната власт. Претходно, Костадинов, како советник на СДСМ во Струмица, беше назначен за заменик-градоначалник, по повлекувањето на Зоран Заев од градоначалничкото место – пред да ја преземе премиерската функција.
Костадинов и вчера одржа прес-конференција пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што упати нови критики кон опозицискиот лидер Христијан Мицкоски за бизнисот со хидроцентрали. Тој покажа документ според кој, покрај Мицкоски, удел во компанијата „Енерготек“ ДОО Скопје, има и Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Тоа е истиот Димитар Димовски, некогаш десна рака на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, против кого денеска се водат многубројни судски процеси. Дали молкот на антизападниот Мицкоски е обид да ги сокрие врските со Јанакиески – праша Костадинов.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со соопштение во однос на бизнисите на семејството на премиерот.
– Аболираниот политичар Зоран Заев со евтини лаги и манипулации сака да ги покрие милионските тендери, концесиите и лиценците кои во моментов си ги дели на своите пајташи. Граѓаните се свесни дека во НАТО и ЕУ не се влегува со бизнис-шемите на Заеви – се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. (А.М.М.)