СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се пребројуваат „за“ и „против“ уставни измени


Ниту во владејачкиот кампус ниту во таборот на опозицијата не се сигурни дали во наредните денови ќе се обезбедат потребните 80 гласа за уставни измени во рамките на актуелниот пратенички состав. Додека СДСМ преку поединечни разговори со пратеници од коалицијата „За подобра Македонија“ се обидува да обезбеди дополнителни десетина гласа за да се избегне опцијата брзи предвремени избори, ВМРО-ДПМНЕ преку серија активности ја става на тест „лојалноста“ на своите пратеници.
Неофицијалните информации што доаѓаат од раководствата на двата спротивставени табори се всушност контрадикторни. Наспроти најавите од владејачкиот камп, дека сè пореални се шансите за постигнување двотретинско мнозинство, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека во пратеничката група на партијата, и покрај внатрешните поделби по повеќе основи, тешко дека ќе се најдат поединци што ќе стиснат зелено копче за пристапување кон промена на Уставот.
Ставот со кој во текот на викендот излезе тетовското крило на Беса ги комплицира дополнително напорите за разврска на политичкиот јазол што се создаде по референдумот. Беса на Биљал Касами, која располага со два пратенички гласа во законодавниот дом, иако се залага за решение во рамки на овој собраниски состав, најави дека по евентуалното „отворање“ на Уставот може да настапи со свои предлог-амандмани, надвор од договорот со Грција, а во делот на унапредувањето на правата на Албанците. Таквите позиции на опозициското крило во Беса, според проценките, ѝ одат во прилог на ВМРО-ДПМНЕ, чие раководство се залага за поништување на договорот од Преспа.
Додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обидува јавно да ја бетонира својата позиција за несоработка за донесување на уставните измени, негови сопартијци, како и владејачки функционери, посочуваат дека не е исклучено опозициското раководство да се соочи со „изненадување“. А, потоа и со незадоволство во партијата, кога ќе сфати дека дел од вмровските пратеници и за уставните измени дејствувале согласно неговата предреферендумска инструкција – секој да настапи според сопствено убедување.
Според партиски извори, поединечните консултации со пратеници од коалицијата „За подобра Македонија“ за евентуална поддршка на уставните амандмани се во полн ек. Притоа, како аргументација во убедувањето се користат и позициите на меѓународните фактори, за кои мнозински изразената волја „за“ на референдумот е добра основа за спроведувањето на договорот со Грција да продолжи во актуелниот собраниски состав, за да не се губи време и да не се пробиваат рокови со организирање вонредни избори.
Аналитичарот и поранешен пратеник Исмет Рамадани оценува дека не се исклучени и санкции од меѓународната заедница, што би биле посебно насочени кон ВМРО-ДПМНЕ.
– Можен е и друг начин на обраќање на лидерите на европските земји и на земјите членки на НАТО. Претпоставувам, можат да ни најават и санкции, а посебно ќе има санкции за најголемата опозициска партија. Такви сигнали веќе стигнуваат – вели Рамадани во интервју за радио „Слободна Европа“.
Тој посочува на пораката од ЦДУ – партијата на германската канцеларка Ангела Меркел, која припаѓа во истото семејство на десни партии каде што е и ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека во следната фаза обидите да се убедат ВМРО-ДПМНЕ да ги изгласаат уставните измени нема да бидат само пријателска порака, туку и укажување дека може да претрпат ситуации кои нема да ѝ одат во прилог на партијата. Наспроти тоа, Мицкоски, во текот на викендот, ги собра коалициските партнери во централата на ВМРО-ДПМНЕ, а по состанокот испрати соопштени од кое треба да се заклучи дека сите партии од опозициската коалиција се против уставните измени што следат. Коалицијата „За подобра Македонија“, според соопштението, оценила дека договорот на Зоран Заев со Грција е отфрлен од граѓаните, а власта доживеала дебакл и го загубила легитимитетот.
– Таквата порака од граѓаните треба задолжително да ја следат и почитуваат Владата, политичките партии и Собранието заедно со сите народни парламентарни претставници – се наведува во соопштението од опозициската средба. (А.М.М.)