СДСМ: Завршија црнилата на ВМРО-ДПМНЕ за кои зборува Мицкоски


Владејачката партија СДСМ реагираше на говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и му порачаа дека заврши времето на црнила од неговата партија.

„„Нож“, „пишти – вришти“,„убивање“ и слични зборови, тоа е речникот на Христијан Мицкоски со кој се обраќа пред подмалдокот на сопствената партија.
Саде црнила, негативност, нискост. Тоа е капацитетот на антизападниот Христијан Мицкоски, левата рака на Никола Груевски. Друго и не може да се очекува од него, со секое ново обраќање Мицкоски потврдува дека е недостоен за Македонија и неспособен, дека нема план, нема визија. Црнила беа криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ кои буквално протераа 600.000 граѓани, пред се млади во потрага по подобар живот“, стои во соопштението на СДСМ.

Тие велат дека Македонија живеела во изолација без иднина, без насока, далеку од ЕУ и НАТО, а денес Македонија е на сигурна шина кон иднината и цврсто чекори кон НАТО и ЕУ, кон интеграција.

„Црнила се тепњето на студентите од страна на режимот, експериментите во образованието и потценувањето на младите. Денеска младите се партнери на добрите политики, слободни, со јасна перспектива на земја која чекори кон иднина, кон НАТО и ЕУ. Црнилата се 11 години намерно осиромашување на граѓаните од страна на ВМРО-ДПМНЕ и антизападниот Мицковски, додека сега од ден на ден се намалува сиромаштијата и парите се враќаат назад кај граѓаните. Црнилата беа малтретирањата на граѓаните и фирмите, „пиштење-вриштење„ со нарачни казни и затворање на фирмите, денеска казните се намалени за 75 отсто“, велат од СДСМ.

Тие порачуваат дека времето на црнила заврши со заминувањето од власт на ВМРО-ДПМНЕ.