СДСМ: Договорот за името е патриотски чин, Иванов ја кочи македонската иднина


Ѓорге Иванов работи на директна штета на граѓаните, против Македонија и против македонската иднина, се вели во денешното соопштение на СДСМ.

„Во клучниот период кога земјава е пред шанса за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ и пред шанса за добивање покана за влез во НАТО, Иванов продолжува со деструктивните политики со што нанесува штета на државата и граѓаните. Нема поголемо дело против државата и граѓаните од погрешното, деструктивно однесување на Иванов денеска но и во изминатите години, кој освен одбрана на криминали, заштита на насилници не направи ништо за Република Македонија и нејзините граѓани“, велат од СДСМ.

Од партијата порачуваат дека Иванов не смее да ја кочи македонската иднина.

„Постигнатиот договор меѓу Македонија и Грција е патриотски чин, го заштитува и зацврстува македонскиот идентитет и обезбедува полноправно членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. За иднината нема да одлучува деструктивниот Иванов, туку сите граѓани. На референдум, граѓаните слободно ќе ја искажат својата волја и ќе одлучат за македонската иднина. Граѓаните ќе кажат ‘да’ за македонската иднина!“, се вели во партиското соопштение на СДСМ.