СДСМ го гаси пожарот од „маслиновото гранче“


Социјалдемократите и вчера беа силно ангажирани во покривање на штетите од фрленото „маслиново гранче“ кон опозицијата од премиерот Зоран Заев на собраниската седницата за владиниот предлог за пристапување кон уставните измени. Пораките за простување и помирување, кои упатуваа на понуда за амнестија за настаните на 27 април, со оглед на околностите во Собранието околу потребата за обезбедување двотретинско мнозинство за уставната ревизија, предизвикаа остри реакции во политичката и стручна јавност. Социјалните мрежи се „запалија“ претежно со коментари на осуда. Морници ги полазија и добар дел од членовите и симпатизерите на СДСМ, како и претставниците на дел од невладините организации кои порачаа дека ќе биде погубно и непростливо доколку се простат тешките кривични дела.

Премиерот Заев вчера од местото од каде што ја фрли „бомбата“ во јавноста се обиде да даде дообјаснување одговарајќи на барањето на пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Крсто Јовановски, да седнат со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и да договорат како понатаму.

„Не ми паѓа на памет да влијаам на институциите и судовите кога реков дека треба да се помириме меѓу себе, но нам помирување и простување ни е потребно за да можеме да продолжиме да живееме заедно“, рече премиерот Зоран Заев.

За поранешниот министер за култура во владата на Заев, Роберт Алаѓозовски, постои разлика помеѓу амнестија и тоа што го кажал Заев. „Амнестија е правен термин, а помирување, простување е етички. Едниот реферира на односот помеѓу поединците и институциите, а другиот на односите меѓу луѓето, групите, општествените заедници“, смета Алаѓозовски.

Дел од пратениците со кои вчера разговаравме беа на иста линија со партискиот и владин врв. Излагањето го сфатиле како подадена рака која не значи амнестија и ослободување од прогон. Велат дека не биле информирани за содржината на говорот на премиерот. Тврдат дека во комуникацијата со нивните колеги во насока на одоброволување да гласаат за уставните измени од спротивниот табор во ниту еден момент не била спомената амнестијата. Такви инструкции не добиле. Дел од нив срамежливо констатираат дека и да било во игра такво сценарио, во што не веруваат, тоа можело да биде изрежирано во најтесен круг на луѓе.

Извори од партијата тврдат дека и дискусиите и ставовите на последниот извршен одбор биле во насока дека никој не треба да се надева на амнестија и малку ги чуди ваквиот „излет“ на Заев, па дури, како што велат, и да станува збор за „пробен балон“. Таа сензитивна тема не била отворена ниту во рамките на разговорите со коалициските партнери, тврди лидерот на НСДП, Тито Петковски.

„Невешто срочени пораки со добра намера“, така Петковски ја оценува понудата на Заев за помирување, за која тој рече е подготвен да плати политичка цена.

„Пораките содржеа морална димензија со примеси на верски елементи. Тој е голем верник, а простувањето е дело од христијанската религија. Сепак, тие пораки не допреа до пратениците, тие тоа го сфатија поинаку. Амнестијата би бил глупав потег. Ако го легализираме криминалот, мафијата си ја остварува целта. Со тоа практично си ја затвораме вратата на ЕУ бидејќи еден од критериумите е расчистување на случаите кои произлегуваат од прислушуваните разговори и настаните од 27 април“, вели Петковски и потсетува дека доколку ги почнеме преговорите со ЕУ најпрвин се отвораат поглавјата 23 и 24 кои, меѓу другото, се однесуваат на правосудството и правдата.

Според дел од политичките набљудувачи, собранискиот настап на Заев очекувано ги разбранувал и редовите кај социјалдемократите. Предизвикано е одредено незадоволство, кое, како што велат, не може да се процени во што може да се претвори. Тоа, според нив, ќе зависи од развојот на настаните на политичката сцена наредниот период.

Не треба да се заборави, потсетуваат тие, дека граѓаните долги години живееја во состојба на правна несигурност токму поради неказнивоста која ни се провлекува со години и особено кога станува збор за политичари. И дека протестите на шарената револуција започнаа поради амнестија на луѓе кои беа осомничени за кривични дела.

На новинарско прашање дали доколку се направи компромис со обвинетите за настаните од 27 април граѓаните со својот глас ќе го казнат премиерот и власта на следните избори, Шекеринска рече дека политички најлесно е да се продолжи со поделбите.

„Секој што ќе го нападне другиот политички профитира, меѓутоа покажавме и во случајот со нашиот однос со соседите и во однос на нашата ситуација дома дека сакаме да водиме грижа за државните, а не за нашите партиски интереси“, истакна Шекеринска. (Н.К.)