СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да престане да го кочи изборот на ДИК


СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека продолжува со деструктивните политики на штета на граѓаните и државата. Како што велат од партијата, ВМРО-ДПМНЕ ги кочи реформите и се обидува да го кочи напредокот на Република Македонија за полноправно членство во ЕУ и НАТО.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ последниов период намерно блокира неколку собраниски комисии на кои се расправа за реформски закони. ВМРО-ДПМНЕ ја блокира и постапката за формирање на Државната изборна комисија, со што го доведува во прашање одржувањето на референдумот за иднината на државата“, се вели во соопштението на СДСМ.

Според СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не се важни ниту потребите на граѓаните, ниту државните интереси. За нив единствено важна е одбраната на криминалот и судбината на Никола Груевски и фамилијата.

„Едно треба да биде јасно, амнестија за криминал нема да има. Никогаш нема да прифатиме амнестија на криминалци. Изборниот законик и Законот за финансирање на политички партии се одамна усогласени и ние сме подготвени веднаш да ги поддржиме во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ ги прифати текстовите на законите, кои веќе се напишани. ВМРО-ДПМНЕ треба веднаш да престане да ја блокира работата на Комисијата за избори и именувања. Веднаш да се избере новиот состав на ДИК, за да воопшто може да се организира референдум. Ако тоа не го направат, значи дека ВМРО-ДПМНЕ не сакаат референдум и бегаат од избори. Очигледно е, ВМРО-ДПМНЕ се плаши од волјата на граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.