СДСМ: Бадијала сонува Мицкоски


Бадијала сонува Мицкоски, амнестија за криминалот во изминатите 11 година, за насилството и тероризмот што се случи на 27 април, нема да има, се вели во реакцијата на владејачката СДСМ по повторениот повик на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да се амнестираат осудените или осомничените за настаните на 27 април минатата година.

„Наместо да им се извини на граѓаните за пустошот што после 11 години криминално владеење го остави зад себе ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски манифестира цврста решеност по секоја цена да го брани криминилот, неводејќи сметка за интересите на државата и граѓание. Мицкоски го злоупотребува дури и сопственото членство, ставајќи го насила во функција на одбрана на криминал. Бадијала сонува Мицкоски, амнестија за криминалот во изминатите 11 година, за насилството и тероризмот што се случи на 27 април, нема да има. Расчистувањето со криминалите на ВМРО-ДПМНЕ и правда за сите е државен интерес, секој ќе одговара пред законите, во транспаретна и законска постапка“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го искористи говорот на протестниот собир во Струмица да повика уште еднаш на амнестија на осудените или осомничени за настаните на 27 април за Македонија да продолжела напред. Мицкоски како и во неколкуте последни дена, тврдеше дека пресудите за обидот за убиство на Зијадин Села биле политички реваншизам.

Според СДСМ, договорот за спорот со Грција е патриотски, а не како што тврди Мицкоски предавнички чин, што го гарантира македонскиот идентитет и ја обезбедува македонската иднина со членство во НАТО и членство во ЕУ. „Тоа се историски успеси на Македонија коишто само Мицкоски не може да ги прифати. Поважна му е судбината на Никола Груевски отколку иднинта на Македонија“, пишуваат од СДСМ.