СДСМ:Одлуките на граѓаните на референдумот ќе бидат обврзувачки и неприкосновени


Со постигнатиот Договор меѓу Македонија и Грција се отстрани и последната пречка Македонија да добие покана за членство во НАТО и да добие датум за почеток на преговори со ЕУ во 2019 година. Со договорот Македонија добива иднина, а граѓаните на Македонија добиваат чист терен за подобар живот, соопштија од СДСМ.

„Прашањата за членството во НАТО, ЕУ и за договорот склучен во Преспа се прашања од највисоко значење за иднината на Македонија,  на сегашните и идните генерации и затоа граѓаните ќе го имаат последниот збор на референдум. Граѓаните се носители на суверенитетот, граѓаните одлучуваат на избори и на референдум. Референдумот е вистинска и непосредна демократија, а волјата изразена на него мора да биде обврзувачка за сите, бидејќи гласот на граѓаните е клучен за македонската иднина“ се вели во соопштението.

 

Според СДСМ,  од врвен интерес е сите политички партии и сите граѓански и политички субјекти да застанат зад референдумот и референдумското прашање како врвен демократски инструмент за изразување на волјата на граѓаните.

„Сите партии, а особено ВМРО-ДПМНЕ, кои со години се залагаа за членство во ЕУ, НАТО и за референдумско изјаснување за договорот за името имаат обврска да ги повикаат граѓаните да се изјаснат за стратешките интереси на државата и потоа обврзувачки да го испочитуваат гласот на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ нема ниту мандат ниту право да отстапува од референдумот и од членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Македонците и сите граѓани на Македонија имаат историска шанса за напредок, директна можност да бидеме рамо до рамо со големите сили, и тоа како Македонци и со нашиот македонски јазик и идентитет, загарантирани и потврдени со конкретни членови во договорот од Преспа.  Затоа, Македонците и граѓаните на Македонија ќе одлучат дека со нашиот македонски идентитет ќе станеме членка на НАТО и ЕУ и ќе го реализираме договорот со Грција“, соопштуваат од СДСМ.