Свечено одбележана кинеската Нова година во Скопје


Во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, вечерва се одржа свеченост по повод одбележувањето на кинеската Нова година во организација на Институтот Конфуциј.

– Во кинескиот календар, годината на кучето штотуку помина, а сега ја славиме Новата година на свињата. За Институтот „Конфуциј“ направивме голем напредок минатата година. Успешно одржавме преку 20 културни активности, вклучително и петгодишнината на Институтот, пролетниот фестивал Гала, денот на Институтот и така натаму, истакна Лијао Веи, кинескиот директор на Институтот.

Директор на Институтот „Конфуциј“, Влатко Стоилков посочи дека Институтот е дел од големото семејство од 548 Конфуциј институти во 154 земји во светот и како што рече, со денешниот настан ќе се придружиме кон одбележувањето на кинеската Нова година во НР Кина и ширум светот.

Појасни дека во 2019 година кинеската новогодишна ноќ е на 4 февруари, а првиот ден од Новата година е денеска, на 5 февруари, кога започнува година на свињата. Според кинескиот календар 2019-та година е 4717-та година.

Кинеските новогодишни празници траат 15 дена, а секој ден има посебни обреди и обичаи. Кинеската Нова година уште се нарекува и празник на пролетта и е најзначајниот традиционален кинески празник.

Свеченоста се заокружи со читање кинеска поезија, изведба на песни и приредби.