Сведочење за „27 април“: Се планирало Иванов да прогласи воена состојба и да апси


Никола Војминовски, кој е осуден на највисока казна затвор од 13 години и шест месеци за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, откри нови детали за упадот во Собранието, кој се случи на 27 април минатата година.

Овој сведок потврди дел од тезите на обвинителството дека упадот бил планиран претходно како единствен начин да се стави крај на новото парламентарно мнозинство на СДСМ и на ДУИ. По влегувањето на толпата во Собранието, претседателот Ѓорге Иванов требало да прогласи вонредна состојба. Вакви планови правеле поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Андонов и обвинетиот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов.

Војминовски нивните планови ги слушнал еден ден пред влегувањето во Собранието.

„Јас неколкупати на протестите одев со Оливер Андонов. Ден пред влегувањето во Собранието, кај ‘Аверс’, пред Собранието, наидовме на пратеникот Љубен Арнаудов. Со Оливер зборуваа дека единствен излез од ситуацијата е да се отворат вратите на Собранието, да влезе народот и да биде направено она што беше направено, а претседателот Ѓорге Иванов да прогласи вонредна состојба. Така и се случи, освен вонредната состојба“, рече Војминовски.

Дента на 27 април 2017 година, според Војминовски, по протестите пред Собранието си тргнал кон автомобилот, кога на мобилниот му заѕвонил Арнаудов: „Каде сте, што правите? Ајде влегувајте!“, му рекол пратеникот.

Војминовски, вели, продолжил кон автомобилот, но тогаш му се јавил извесен Дарко:„ А бе брат, кај си, овие влегоа внатре“, му рекол.

Тогаш тргнал кон Собранието и влегол веднаш во пленарната сала. Таму покрај Љубен Арнаудов го видел и пратеникот Сашо Василевски, кого го познавал од порано, а подоцна, бидејќи не знаел каде да оди, почнал да следи некои лица од обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски и од Шестата управа, кои имале направено шпалир и ги насочувале луѓето.

„Внатре беше хаос. Меѓу народот имаше лица со апарати за радиоврски, со оружје, значки. Значките беа со амблем на УБК, добро го познавам амблемот, со меч е. Дел од тие лица беа од обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски. Имаше маскирани со службени значки на нив. Го трасираа патот до салите“, сведочеше Војминовски.

Вработен во Единицата за брзо распоредување (ЕБР), Лукман Селими, пред судот сведочеше дека дел од луѓето со качулки кои биле внатре им викале: „Колеги сме, не нè чепкајте“.

„Беа агресивни. Колку што можевме, ги спречивме. Тие беа развиени, се гледаше оти беа по кратки ракави, со тетоважи. Некои успеаја да избегаат, се качија на првиот кат, кружеа, како да не знаат каде да се движат. Потоа дојде уште еден човек со маска и им викна дојдете по мене, сала број 3. Таму се пратениците, предавниците. Ние тогаш сфативме каде се пратениците и во која сала“, раскажуваше полицаецот.

Досега за упадот во Собранието беа испрашани вкупно 35 сведоци предложени од обвинителството. На 16 октомври е закажано следното рочиште на кое треба да сведочи загрозениот сведок. Потоа на судењето ќе бидат изведувани доказите што ги обезбедило Јавното обвинителство, по што следуваат сведоците што ги предложи одбраната.

За „крвавиот четврток“ обвинети се вкупно 33 лица, кои се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и двајца за помагање. Првообвинети се пратениците што ги отвориле вратите во Собрание, но истрагата за нарачателите на упадот сè уште не е завршена. (Ф.Ф.С.)