Санирана состојбата со поплавените простории на МВР во зградата на МРТ


Преземени се сите неопходни мерки за санирање на состојбата во Македонската радиотелевизија (МРТ) каде изутрината поради пукање хидрант биле поплавени простории на вториот кат кои ги користи Министерството за  внатрешни работи и не постои опасност од пожар, соопшти владината Служба за информирање.

– Службата за општи и заеднички работи во целост ја санираше состојбата со поплавените простории во Македонската радио телевизија. Освен исцрпување на водата од просториите и лифтовите, поради претпазливост, во објектот на МРТ била исклучена и струјата, а биле поставени и вреќи со песок, за да се спречи водата да навлезе во останатиот дел од објектот. Службата за општи и заеднички работи и Владата на Република Македонија ги уверуваат вработените, но и целата јавност дека не постои опасност за појава на пожар во објектот на МРТ, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Појаснуваат дека просториите на вториот кат биле поплавени изутрината, поради пукање на хидрант, а ги користи Министерството за внатрешни работи.

Претходно Македонската телевизија (МТВ) ги деманираше информациите во дел од електронските медиуми дека се поплавени нивни простории и посочи дека станува збор за простории под надлежност на Министерството за внатрешни работи и Службата за општи и заеднички работи.

– Во неколку електронски медиуми објавена е дезинформација дека просториите на Македонската телевизија се поплавени и дека постои опасност од пожар. Ве известуваме дека поплавените простории се под надлежност на Министерството за внатрешни работи и Службата за општи и заеднички работи. Работата на Македонската радио телевизија се одвива непречено и во нормални работни услови, се вели во соопштението.