Само две од 20 кафулиња од Центар ги отстраниле дивите тераси


Само една дискотека во Градскиот парк и едно кафуле од Дебар Маало ги дислоцирале дивите тераси, од над 20 објекти до кои Општината Центар достави решенија самите да си ја повлечат урбаната опрема. Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека останатите ќе ги руши Општината со асистенција на полицијата, а сè што ќе затекне ќе им заплени. Следните денови, информира, ќе започнат да објавуваат мини-тендери на кои ќе бараат фирми кои ќе ги расчистуваат дивите тераси.

Центар на крајот на минатиот месец издаде 11 решенија за отстранување урбана опрема, на кафулиња во Дебар Маало и на повеќе локации вдолж булеварот „Партизански одреди“, кои само неколку дена подоцна го дополни со уште 11 нови. Инспекциските служби кај овие објекти констатирале дека решенијата за поставување урбана опрема на јавна површина не им се обновени, а во меѓувреме ниту ја повлекле опремата ниту, пак, побарале продолжување на решенијата или, пак, узурпирале јавна површина за да стават маси и столчиња.

„Неколкупати апелиравме угостителските објекти, кои имаат решенија со определен рок, самите да ја дислоцираат урбаната опрема. Само неколку се пријавија дека ќе го направат тоа, а и тие одолговлекуваат и не го испочитуваа зададениот рок. Сите останати веројатно чекаат Општината да го направи тоа на нивни трошок“, вели Богдановиќ.

Ним, со оглед на тоа дека им се поминати зададените рокови, им се издаваат опомени, по што ќе следува и уривањето. Општината ќе мора да ангажира фирми за тоа бидејќи некои објекти имаат монтирано платформи и застаклени ѕидови. Масите и столчињата, како и другата опрема што ќе биде затекната, Богдановиќ вели дека ќе биде запленета додека угостителите не ги покријат трошоците за уривањето, по што ќе им биде вратена.

„Овие угостителски објекти, како еден вид казна што навремено не побарале нови решенија за поставување урбана опрема на јавна површина, нема да можат да бараат тераси во следните шест месеци. Целта е да се доведе во ред на поставувањето урбана опрема во општината, со што ќе се олесни движењето на граѓаните на улиците и ќе се нормализира сообраќајот на возилата“, вели Богдановиќ. (С.Н.)