Самитот во Брисел ги одложи пратеничките прашања


Следната седмица во парламентот, според информациите, нема да се одржи редовната седница за пратенички прашања поради обврските на повеќемина министри и на премиерот Зоран Заев околу самитот на Европскиот совет во Брисел. Иако редовен термин за пратенички прашања е последниот четврток во месецот, овој пат токму на тој ден во Брисел ќе почне самитот на Европскиот совет, каде што македонските власти се надеваат дека ќе биде „валоризиран“ договорот со Грција – со тоа што на земјава ќе ѝ биде одобрен почеток на преговори со ЕУ.
Претходните денови, во Луксембург, ќе се одржи министерскиот состанок на ЕУ како претходница на самитот на лидерите. Поради тоа, повеќемина членови на владиниот кабинет, вклучително со Заев, шефот на дипломатијата Никола Димитров и вицепремиерот Бујар Османи, од почетокот на следната седмица ќе бидат во Брисел. Поради тоа, седницата за пратенички прашања, наместо на крајот на јуни, ќе се одржи во почетокот на следниот месец – поточно на 2 јули (понеделник). Тогаш премиерот и надлежните министри ќе може да реферираат пред пратениците и за договорот со Грција и за исходот за Македонија на самитот на ЕУ, како и за очекувањата од претстојниот самит на НАТО. (A.M.M.)