Самарас: Договорот не е решение, само му отвора пат на Скопје во НАТО


Атина – Со договорот го затворивте привремено проблемот, не го решивте прашањето и отворате уште полоши проблеми, му рече поранешниот грчки премиер Андонис Самарас на сегашниот премиер Алексис Ципрас, за време на обраќањето во грчкиот парламент.

Самарас смета дека решението или нема да издржи низ времето или ќе предизвика експлозии и нема да го стабилизира регионот.

– Овој договор или нема да издржи или ќе предизвика експлозии. И Грција ќе се најде во полоши позиции. Единствено што се постигнува со него е што го отвора патот за интеграција на Скопје во НАТО, ништо друго, го прескокнавте грчкото ветото и не решивте ниту еден проблем, рече Самарас.

Коментирајчи го договорот, Самарас рече дека целосно го признава иредентизмот, македонската националност и македонскиот јазик, а нема ништо од „ерга омнес“.

– Договорот што го носите сега признава македонска националност и македонски јазик, нешто што не помисли да го направи ниту еден грчки политичар во мнатото. И тоа е првата работа за која славеше Заев во Скопје. И сложеното име воопшто не е ни непреведено, како што лажно тврдеше премиерот, ќе биде преведено. И нема да биде ерга омнес, како што исто така лажно тврдеше. За нивното државјанство ќе имаме, внимавајте, тројно име, затоа што како што предвидува член 3, поинаку ќе се викаат на меѓународно ниво- Македонци, граѓани на Северна Македонија, поинаку ќе се викаат во Грција – граѓани на Северна Македонија и поинаку во внатрешноста на Скопје – само Македонци, рече поранешниот грчки премиер.

Коментирајќи ги деловите од договорот, Самарас рече дека член 7 „го зајакнува иредентизмот“, а член 6, може да значи дури и „забранување на протестите за грчкиот карактер на Македонија“. Поранешниот грчки премиер смета дека договорот ќе создаде проблеми и „со години ќе се караме за виното, за алвата, за млечните производи, за мермерите од Македонија, за имињата“.

Поранешниот грчки премиер говореше и за периодот кога тој беше министер за надворешни работи и рече дека тој секогаш бил против име што ќе го содржи терминот Македонија, а ја обвини грчката влада дека „станале поскопјани од скопјаните“.

Говорот на Самарас беше поздравен со аплаузи од пратеничката група на Нова демократија.