Салата готова, учениците вежбаат во училници и ходници


Учениците од скопското основно училиште „Кирил и Методиј“ во Општина Центар  часови по предметот физичко имаат во училница, во училишниот хол и надвор во дворот, кога временските услови се погодни. Новата спортска сала во училишниот двор е речиси готова, ама не се употребува. Родителите  забележуваат што целиот двор е ограничен за движење и ограден со тараби, па бараат тие да се тргнат, за да можат децата непречено да се движат без да се повредат од жиците и лимот и салата конечно да се стави во употреба, бидејќи целосно е изградена.

„Оваа школска година повторно ја дочекавме со двор покриен со големи лимени тараби. Новата училишна сала однадвор е целосно завршена, а внатре  недостасуваат само реквизити, како кошеви, стативи, душеци, но битно дека има греење, вода, подови, соблекувални. Не знаеме кој ја кочи работата. Родителите кои се дел од советот на училиштето кажаа дека на претходниот изведувач, фирмата ‘Бауер’, му е раскинат договорот бидејќи задоцнил со рокот за градба. Искрено, нас како родители не нè интересираат причините, ние сакаме нашите деца да имаат физичко воспитание согласно со наставата пропишана од Министерството за образование и наука. Сакаме и да се ослободи конечно училишниот двор од тарабите за да може непречено да се движат децата, без да се повредат на жиците и лимот“, вели Мерсиха Смаиловиќ, мајка чие дете учи во училиштето.

Директорката на ОУ „Св. Кирил и Методиј“, Вилма Поповиќ, вели дека за  проблемот разговарала со надлежните, ѝ кажале дека ќе преземат мерки дека  салата ќе биде довршена и ставена во функција. Ама судејќи по реалната слика, освен  ветувања, засега ништо не се реализирало.

„Во училиштето има 500 ученици. Часови по физичко имаат и децата од одделенска настава и оние од предметна. Салата е наша општествена одговорност, ние сè правиме во интерес на децата, меѓутоа некаде застана работата, не знам зошто. Инвеститор е Министерството за образование и наука, а изведувач е фирмата ‘Бауер’. Салата  започна да се гради во јули 2016 година, сè добро течеше до крајот на август 2017 година, кога  застанаа  сите градежни активности. Салата  е направена близу  99 отсто, фали само да се монтираат спортски реквизити и да се изврши технички прием. Секаде сум реагирала. Разговарав со градоначалникот на Општина Центар, имав средби со министерот за образование Арбер Адеми, неговиот заменик Петар Атанасов. Беше речено дека ќе се преземат активности за  да се довршат работите и да се стави салата  во употреба, меѓутоа сè уште од тоа ништо“, вели Поповиќ.

Зошто спортската сала во ОУ „Кирил и Методиј“  во Општина Центар уште не е целосно готова и не е направен технички прием? Ова прашање „Независен“ го испрати до Министерството за образование и наука, институција која е  инвеститор  на салата, но одговор не се охрабрија да испратат. Ниту министерот за образование и наука Арбер Адеми, ниту неговиот заменик Петар Атанасов одговорија на телефонските повици.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, за „Независен весник“ укажува дека спортската сала започнала да се гради од претходната влада, но настанал проблем помеѓу изведувачот и Министерството за образование и наука, па сега се бара правен основ да се разреши ситуацијата. Вели дека ќе бидат отстранети тарабите, за да може да се користи дворот. Добил ветување од премиерот и министерот за образование и наука дека салата набргу ќе биде во  функција.

„Настанал проблем помеѓу изведувачот и Министерството, кој не бил решен и сега се бара правен основ како тоа да се разреши. Од страна на Министерството поради некои недоследности бил стопиран изведувачот да ја доврши салата, која е речиси 99 отсто готова. Ние како општина, заедно со инспекциските служби, побаравме отстранување на сите тие тараби што се поставени како заштита, барем да се користи училишниот двор, што е преграден поради градежните активности. Воедно како општина ќе изречеме соодветни санкции, поради тоа што помина толку време, а наставата на децата е доведена во прашање. Имаме ветување и од премиерот и од министерот за образование и наука, без разлика што тие не го создале проблемот, дека во најкус можен рок ќе се разреши и салата ќе биде пуштена во функција. Имавме средби и со премиерот и министерот за образование, проблемот е што некој ја сплеткал работата и сега правно се бара начин да се дојде до решение“, вели Богдановиќ.

Додека се бара начин како учениците  од „Кирил и Методиј“ воопшто да имаат настава по  физичко во сала од 21 век, од Светската здравствена организација порачаа дека во Македонија учениците треба секој ден да имаат часови по физичко, а не само трипати неделно како што сега е регулирано.

 

Едно од три деца во Македонија предебело

Анализите на СЗО покажаа дека Македонија е на врвот во групата земји во кои преваленцијата на дебелина е над 30 отсто, по Кипар, Грција, Шпанија и Италија. Загрижува и податокот што едно од три деца што одат на училиште имаат вишок килограми, при што повеќе има дебели момчиња – и тоа 17 отсто, а девојчиња 13 отсто. Нездравата исхрана и недоволната физичка активност се факторите што влијаат за зголемената телесна тежина и појава на дебелина.

Податоците на истражувањето покажаа и дека во 39 отсто од училиштата нема спортски сали, во над 28 отсто во рамки на училиштата учениците можат да купат пијалаци што содржат додаден шеќер, а во 39 отсто имаат пристап до слатки или солени ужини.

Алармантен е и податокот на Институтот за јавно здравје тоа што секој трет ученик или 14.000 основци и над 10.000 средношколци имаат лошо држење или искривување на ’рбетот.

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер