Саем за НВО: „Заедно до подобро општество“


Во знак на одбележувањето на 5 декември – Меѓународниот ден на волонтерството, Волонтерскиот центар Скопје во просториите на НУБ „Св. Климент Охридски“ организираше НВО саем на град Скопје под мотото „Заедно до подобро општество“.

Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева на отворањето на Саемот рече дека четиригодишното постоење на овој саем во континуитет е гарант и предуслов не само на неговиот успех, туку и за креативниот, амбициозен потенцијал што саемот го акумулира, го вмрежува и го промовира.

-Саемот од една страна ги спојува креативноста, отвореноста и комуникацијата во едно таканаречено вмрежено ново знаење кое стимулира нови креативни инцијативи, ја подигнува свеста за одговорно и делотворно учевствување во придвижувањето на работите во општеството и овозможува на вмреженото ново знаење на креативната практика и потенцијал да се гледаат како на јадро за општествен прогрес. Саемот претставува почит кон индивидуалните и колективните вредности и придонесува за освојувањето на концептот еден нов поинаков начин на размислување и на општествено дејствување на граѓанските организации и фондации, нагласи Јанчева.

-НВО саемот го организираме веќе четврти пат по ред. Во духот на Меѓународниот ден на волонтерство традиционално го организираме овој Саем. Целта на саемот е организациите да се врежат меѓу себе од една страна и да поттикнеме активно граѓанство со тоа што посетителите кои ќе дојдат на овој саем да ги спознаваат своите афинитети во однос на работата што ја имаат одредени невладини организации и  тука да продолжат да се надоградуваат, изјави проектниот координатор Вафире Мухареми.

Таа информираше дека имаат млади кои почнале како волонтери во одредени организации, а потоа благодарение на нивното волонтерство денеска како вработени во таа организација.

Никола Станковски, директор на Волонтерски центар Скопје рече дека се важни вакви настани за граѓанските организации каде што ќе имаат можност меѓу себе да се запознаваат подобро,  да се вмрежуваат, да разменуваат разни идеи кои ќе можаат да ги реализираат се со цел за едно здраво и подобро учевство во Градот Скопје и во Макеоднија.

Волонтерски центар Скопје, што функционира од 2005-та година, е организација што функционира на ниво на Македонија, но има и многу активни проекти на меѓународно ниво.