Руско МНР: Мнозинството во македонскиот Парламентот е обезбедено со уцени


Министерството за надворешни работи на Русија денеска соопшти дека гласањето во македонскиот Парламент, со кое е обезбедена поддршка за почеток за уставни измени заради имплементација на Договорот од Преспа, е последица на уцени, закани и купување гласови.

Руското МНР во соопштение наведува дека САД манипулирале со „нерегуларно гласање“ во македонскиот Парламент при донесувањето одлука за промена на името.

– Обрнавме внимание на гласањето што се случи на 19 октомври во Парламентот на Македонија со измените на Уставот кои се потребни за промена на името и стапување на земјава во НАТО. Се беше организирано по каноните на „современата европска демократија“, се наведува во коментарот на руското Министерство и се додава дека тоа што се случило во Собранието е „отворено кршење на сите норми и од законска, и од морална гледна точка“.

– Толку валкани манипулации не можат да бидат сфатени како одраз на волјата на Парламентот, се наведува во соопштението.

Министерството за надворешни работи на Русија исто така оценува дека осумте гласови неопходни за мнозинство со кое би било одобрено покренување на иницијативата на уставни промени е обезбедено „по пат на уцени, закани и подмитување на опозициските пратеници“. нд/