Русковска: Помирувањето не го сфаќам како амнестија


Обвинителката за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, Вилма Русковска, смета дека поднесениот предлог-закон за амнестија не влијaе врз текот на судскиот процес. Во емисијата „Топ тема“ вечерва на ТВ Телма таа рече дека амнестијата е исклучиво политичка одлука, судот само го спроведува донесениот закон. Рече и дека националното помирување не го сфаќа како амнестија и не го спомнала во поинаков контекст.

-Никој во предметот за 27 април не е обвинет за тероризам. Делата за кои се товарат се разликуваат, ова не е потешко дело од тероризам. Никаде во обвинителниот акт не е спомнат зборот тероризам или терористички акт, рече Русковска.

Можеби некогаш, рече обвинителката, ќе биде повикан како сведок Никола Груевски, а засега ценела дека не треба. Ако има поврзаност на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски со насилствата, тогаш тој ќе биде обвинет.

-Не сме направиле ништо ако не стигнеме до организаторите и не ги обвинимe. Во моментов нема доволно материјални или вербални докази за организаторите. Затоа водам предистражна постапка. Имаме докази со кои се потврдува улогата на Митревски и Василевски. „Кољо“ и „Нинџа“ имаат клучна улога.  Фактот што самите се пријавија во полиција, по осум месеци бегство, не ја намалува нивната вина, рече Русковска. Во интервјуто во „Топ тема“ таа кажа и дека базните станици покажуваат каде бил тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков за време на упадот во Собранието